Делчевските кошаркарки се вратија од негатива од 15 поени, поведоа со 65:62, но тројка на противникот во последните шест секунди го однесе натпреварот во продолжение.
Кошаркарките на ЖКК Патриот М18 одиграа возбудлив и неизвесен натпревар против МЗТ Скопје, во кој малку недостигаше да приредат големо изненадување и да стигнат до победа.
Иако во текот на натпреварот имаа негатива од 15 поени, делчевските кошаркарки не се предадоа. Во последната четвртина покажаа борбеност и карактер, успевајќи да ја анулираат негативата и да стигнат до водство од 65:62.
Сепак, на само шест секунди пред крајот, противничката екипа погоди тројка за израмнување, со што натпреварот беше одведен во продолжение. Во дополнителните минути МЗТ Скопје успеа да стигне до победата.
Иако останува жал за пропуштената можност, од клубот упатуваат пофалби за своите кошаркарки, кои со прикажаната игра покажаа дека имаат потенцијал и квалитет за големи резултати.
„Девојки, иако изгубивте, покажавте дека имате карактер и дека во вас има прекрасна иднина“, порачуваат од ЖКК Патриот.

Leave a Reply