Градоначалникот Иван Гоцевски на форум во Штип ги презентираше локалните практики за унапредување на еднаквите можности, учеството на жените во одлучувањето и мерките произлезени од нивните потреби
Делчево – Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, учествуваше на јавниот форум „Жените знаат што им треба“, кој се одржа во Штип, каде ги презентираше искуствата и практиките на Општина Делчево во унапредувањето на еднаквите можности и зголемувањето на учеството на жените во локалните процеси на одлучување.
Форумот беше организиран од Здружението „Гласен Текстилец“, Хелсиншкиот комитет за човекови права и мрежата „Актив“ – за правични буџети.
Како што информира Гоцевски, Делчево има девет жени директорки, жена на функцијата командир на полицијата, шест советнички во Советот на Општината, три жени претседателки и 15 жени членки во советите на месните и урбаните заедници, како и жена на функцијата заменик-градоначалник.
Тој посочи дека овие податоци претставуваат значаен напредок и потврда за капацитетот и подготвеноста на жените активно да учествуваат во управувањето и развојот на локалната заедница.
Посебен акцент на форумот бил ставен на конкретните локални мерки и иницијативи кои произлегле од разговорите со жените и нивните реални потреби. Меѓу нив се финансиската поддршка за онколошките пациенти и семејствата со деца со мускулна дистрофија, формирањето локално мултисекторско координативно тело за борба против семејното и родово базираното насилство, како и иницијативите за подобрување на условите за живот во руралните средини.
Како особено значајна иницијатива беше издвоена набавката на мамограф за Здравствениот дом во Делчево. За оваа намена, со поддршка од Владата, се обезбедени 13,4 милиони денари, а договорот за набавка е веќе склучен. Се очекува услугата да стане достапна до крајот на годината, што ќе биде значајна придобивка за жените од Делчево и поширокиот регион.
Гоцевски нагласи дека определбата на локалната самоуправа е потребите и предлозите на жените да бидат препознаени и вклучени во општинските програми, буџети и конкретни проекти, посочувајќи дека поддршката на жените значи инвестиција во развојот на целата заедница.

Leave a Reply