Во тек утврдување на приоритетите на месните и урбаните заедници за 2027 година

Преку работен состанок со претставниците на месните и урбаните заедници се собираат предлози и иницијативи од граѓаните за планирање на идните активности и инвестиции.

Делчево, 27 ноември 2026 (МИА) – Општина Делчево започна со подготовка на Програмата за работа на месните и урбаните заедници за 2027 година, со цел потребите и приоритетите на граѓаните да бидат основа за планирање на локалниот развој.

Во таа насока, се одржа работен состанок со претставници на советите на месните и урбаните заедници, на кој беа разгледани предлози и иницијативи што ќе бидат вклучени во новата програма. На состанокот присуствуваше и градоначалникот Иван Гоцевски, кој истакна дека директната комуникација со претставниците на заедниците е важна за препознавање на реалните потреби на секое населено место.

Гоцевски нагласи дека целта е програмата да произлезе од конкретните барања на граѓаните, преку отворен дијалог, предлози од терен и заедничко утврдување на приоритетите на секоја населба.

Тој посочи дека општината ќе се залага за рамномерен развој на сите делови од општината, нагласувајќи дека идеите и иницијативите на граѓаните се важни за креирањето на локалните политики и подобрувањето на условите за живот.

Со подготовката на Програмата за 2027 година, Општина Делчево продолжува со практиката на вклучување на месните и урбаните заедници во планирањето на локалниот развој, при што потребите на граѓаните ќе бидат основа за утврдување на идните активности и инвестиции.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*