Прво место за тим оратори од СОУ ,,М.М.Брицо” на Интернационалниот натпревар Original Oratory Balkan Voices

Тим од ученици од Средното општинско училиште ,,Методи Митевски – Брицо” од Делчево одлично се претстави на Интернационалниот натпревар во ораторство Original Oratory Balkan Voices кој од 15-ти до 17-ти март се одржа на Американскиот универзитет во Благоевград, Р.Бугарија. 

На настанот ученичката Искра Георгиевска во оригинално ораторство го освои првото место, а по тој повод денес во гимназијата во Делчево беше организиран настан на кој останатите учениците се запознаа со темите со кои се претстави победничкиот тим на овогодинешниот натпревар во Бугарија.

За првонаградената ученичка беше предизвик да учествува на овој натпревар на Американскиот колеџ во Благоевград.

-Предизвик бидејки како учесник и освојувач на првото место, можев да искусам како е да бидеш оратор и говорник на јавни настани. Сите натпревари беа предизвик, како тим имавме добар пласман, успеавме да го ,,отсрамиме” Делчево и пред се благодарам на целиот тим за овој успех  додаде Георгиевска.

Ана Ангеловска која исто така е дел од победничкиот тим се заблагодари на сите соученици кои денес ја проследија  програмата како продолжение на она што со што се претставија на Интернационалниот ораторскиот натпревар. 

-Јас како учесник во мојата категорија се претставив на тема Климатски промени. Тоа го одбрав, бидејки мислам дека кога се однесува за природата, земјата се движи во многу опасна насока и затоа ние мора да преземеме нешто за да ги спречиме тоа, изјави Ангеловска.

Главна тема на натпреварот како што додаде ученикот Лука Стоименовски беше Менталното здравје кај младите.

-Зборувавме за тоа од што може да се предизвика деструктивноста кога е Менталното здравје во прашање и како може да се реши тој проблем. Во однос на оценувањето добивме различни теми, судиите беа одлични во нивната работа. Се заблагодарам на нашиот ментор Желеанка Демирова, за можноста да бидам дел од овој тим, додаде Стоименовски.

На натпреварот учествуваа 71 учесник од повеќе училишта на Балканот и истиот има за цел да им овозможи на студентите меѓукултурно искуство, што ќе им овозможи суштински да се поврзат со студенти од други земји и да стекнат нови перспективи.

-Ова за нас беше голем предизвик, а покрај тоа се здруживме со натпреварувачи од многу земји, додаде учесникот на натпреварот Елена Димитровска.

За учество на натпреварот и добриот пласман како што додаде менторот Желеанка Демирова потребни биле сериозни подготовки. 

-Нашиот тим одлично се претстави на натпреварот по оригинално и привремено ораторство. Освоивме многу награди во сите категории. Учествувавме во двата натпревари за мали групи во 1 и 2 година младинци Тимот работеше напорно за време на подготовките. Таму на самиот натпревар имавме 8 настапи и успеавме да се пласираме на високо ниво, додаде Демирова.

На организираниот настан во гимназијата присуствуваа и советникот за образование во Општина Делчево, Ванчо Новоселски, како и тим од училиштето со директорката Дијана Цонева, која рече дека трудот кој се вложува од страна на учениците секогаш дава резултати.

-Добивме прво место во категорија официјално ораторство кое го освои ученичката Искра Георгиевска. Посебно ме радува што имаме младина што се вклучува во вакви Меѓународни натпревари, вложува во себе, го дава својот труд, се натпреварува со врсници. Целокупниот настан е следен од меѓународни судии и оценуван од нивна страна. Се вложува труд меѓутоа се постигнуваат и резултати. Продолжете и понатаму да постигнувате резултати, бидете пример за сите ученици овде, а ние училиштето ќе бидеме поддршка во вашите активности рече Цонева.

Интернационалниот натпревар по ораторство Original Oratory Balkan Voices 2024 e организиран од Best Foundation  и Американскиот Универзитет Благоевград, а  тим од ученици од делчевската гимназија ,,М.М.Брицо” прво место има освоено и во 2021 година.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*