Претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска Давкова, денеска го го врачи признанието „Инженерски прстен“ на најуспешните студенти кои дипломирале на македонските факултети што негуваат инженерски дисциплини.
Меѓу добитниците на инженерскиот прстен на церемонијата одржана на платото пред црквата „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид беа и нашите академски граѓани Даниел Цоневски и Бојана Захариева.

За Даниел Цоневски кој е студент на Факултетот за информатика Универзитет „Гоце Делчев” – Штип инженерскиот прстен е признание кое ги отсликува амбициозноста, посветеноста и мотивацијата.

-Инженерскиот прстен, како едно од највисоките достигнувања во областа на инженерството, претставува потврда и препознавање на досегашниот вложен труд во нашето образование. Да се биде добитник на ова признание претставува особена чест и задоволство и ги отсликува амбициозноста, мотивацијата и посветеноста кон оваа област. На овој начин, добиваме уште поголем повод за надградба и реализација на поставените цели во професионалната кариера, вели Цоневски.
Инженерството според него претставува главна движечка сила во модерното општество, а проблемите кои ги решава оваа областа имаат голема директна улога врз квалитетот на живот на луѓето.

Верувам дека стекнатото знаење и искуство ќе продолжам да го применувам кон решавање на ваквите проблеми и подобрување на светот во кој живееме. Мојата порака до сите идни инженери е да бидат истрајни во нивните цели а вложениот труд и желбата за надградба на знаењето се главните двигатели на патот до големи достигнувања и успеси, додава Цоневски.
Бојана Захариева која е студент на Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје вели дека силниот мотив и напорна работа го пробиваат патот до остварување на својот сон.
-За мене, студирањето беше патоказ кон еден процес на интелектуален и професионален развој. Професијата за која се определив ми помогна да се дефинирам како личност. Ова драгоцено признание претставува важен белег во мојата досегашна професионална биографија кое ги отсликува целокупниот труд и љубов вложени во текот на студиите.

Како носител на наградата Инженерски Прстен, гледам поширок хоризонт отворен кок технолошки развој во доменот на дизајнот и технологиите на мебел и ентериер. Во инженерската иднина очекувам многу ново знаење, нови цели и победи. Лично, ги охрабрувам помладите колеги самоуверено да нурнат во креативниот свет на дизајнот каде истовремено ќе уживаат во процесот на обмислување реални проекти, додека поискусните колеги дизајнери ги повикувам на почит кон младите колеги и заедничка обединетост пред предизвиците, бидејќи само така здружени дизајнери можеме да имаме поголеми успеси во нашата професија. Лавиринтот до достигнување на крајната цел може да биде непредвидлив, но силниот мотив и напорната работа го пробиваат патот до остварување на својот сон, истакна Захариева.
Признанието „Инженерски прстен“ се доделува по 21. пат, а со истото годинава ќе се здобијат 15 млади инженери од различни области, кои дипломирале на четири државни универзитети.
Манифестацијата се одржува во организација на Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, а под покровителство на Претседателот на државата.

Leave a Reply