Кулата, тумулите….златната треска која владееше во овој град дава податоци или индиции дека во Делчевско има богати наоди. Во емисија по сценарио на новинарот Оливер Бранковиќ во 2001 година е снимен пообемен материјал кој резултираше со документарна емисија за првите обемни систематски истражувања во Делчевско, кои дале неочекувани резултати.

Виновникот после долги децении или воопшто во тоа време, да почнат да се вршат археолошки истражувања е на тогашниот директор за заштита на спомениците на културата Јован Кондјанов.

Емисијата започнува со прашање за мотивот за самите истражувања:
-Прикаската е едноставна и потврдена, имено искуствата од Виница со Виничкото Кале е модел што веќе е проверен и функционира. Знаете дека Светска банка одобрува неповратни кредити за развој на неразвиени подрачја за санирање на сиромаштијата, на некој начин и има можност за времено вработување на невработените околу јавните работи, а меѓу нив и грижа за спомениците. По тој основ, државата влегува со средства за стручниот кадар, додека работниците си ги плаќа општината и материјалните трошоци околу градбата. Значи околу тој дел влеговме во Општината, се разбира со големо залагање на градоначалникот, вели Кондјанов.

Има и еден друг важен факт, а тоа е тоа што пет децении на овие простори не е воопшто забодена археолошката лопата овде и на некој начин оваа територија е непозната од археолошки аспект.
Како што гледате тука е преполно со археолошки остатоци и ние заедно со градоначалникот се решивме дека би требало да направиме нешто во таа насока, за да видиме што се случува. Но бидејки Завод за заштита на споменици не се занимава со истражувачки работи, во Археологијата ги замоливме двете други институции кои се занимаваат со тие работи, тоа е Музејот на Македонија и Институтот за археологија и веднаш тие ни излегоа во пресрет и веќе функционираме трите најважни институции од оваа сфера, прв пат координирано да работат на овој простор. Очекуваме резултати и во конзервацијата и во истражувањата како нови научни сознанија кои ќе бидат обелоденети, вели Кондјанов во тогашната изјава.
Наодите кои се пронајдени завршиле во Националните витрини, односно она што е од Национален интерес, што е порепрезентативно, влегло во Музејот на Македонија. Од останатите материјали оформена е музејска збирка и во самата општина Делчево.
Таа година за време на снимањето на емисијата се работело околу четири месеци и самите учесници наишле на сериозни резултати и во областа на конзервацијата и спомениците, кои биле лоцирани како предмет за конзервација каде се наѕирале контурите на нивната работа.
И во истражувачкиот дел имало сериозни резултати за кои истражувачите дале свои видувања.
За археолошките локалитети во Делчевско говореле и неколкуте тумули од тогашните истражувања, за што говори и м-р Марјан Јованов од Катедрата за археологија и историја на уметноста при Филозофскиот факултет во Скопје.

-Ова е еден од десетината тумули регистрирани во Делчевско. Имавме среќа овде да откриеме гробница исклесана во глина, која што претставува импозантен споменик бидејки самата гробница е од 15 метри и нејзината длабочина се спушта до речиси 5 метри и кога на тоа ќе ја додадеме висината на тумулот од над 4 метри, добиваме навистина еден грандиозен археолошки споменик. Во нашата археолошка литература досега се регистрирани нешрто помалку од 100 тумули и за сите нив е забележана една општа констатација дека се од античко време. Меѓутоа за овие два три месеци работејки на три тумули, дојдовме до сознанија дека всушност секој тумул се разликува од останатиот. Односно констатцијата која се повторуваше 40 години, веќе не важи. Значи беа потребни археолошки ископувања, имавме среќа заедно со студентите и постдипломците од Факултетот Историја на уметност на Археологија да дојдеме до нови сознанија, кои ќе внесат нова светлина во нашата археолошка наука.

Сега се наоѓаме во средишниот дел на гробницата која најмногу наликува на гробниците од рано античко време на гробниците изделкани во карпа. Овде природна карпа не најдовме, но најдивме една компактна глина во која била прокопана гробницата. Таа гробница има своја архитектура, има свој влез, ходник, долг тесен ходник дромос преку кој се стига до една преткомора и од кој се стигнува до самата комора. Димензиите се три на два метри.

За жал не најдовме остатоци од погребување, но се уште трае ископувањето. Во претходното истражување на тумул кај локалитетот Могила кај с.Тработивиште откривме гробница од тули. Се работеше за доцно античко погребување, покојникот беше кремиран со неколку побогати гробни прилози меѓу кои ќе издвојам еден златен приврзок, неколку златни коњчиња од златна срма и десетина бронзени монети кои ни помагаат за датирањето на гробницата. Според нив заклучивме дека се работи за погребување од доцна римскиот период од 4 век и неколку керамички прилози, што е вообичаено за вакви тумули.

Секако дека ваква монументална градба не се подига за обичен граѓанин, туку за највидната личност во регионот, за родоначалникот или за кнезот или за локалниот владетел итн, вели Јованов.

Третиот тумул што го истражувале тогаш претставувал едно големо изненадување за нив, затоа што тргнале со претпоставка за антички тумул. Работејки на него, утврдиле дека тоа е тумул од бронзеното доба, што го прави единствен засега од тој тип кај нас и едноставно уникатен на еден многу поширок регионот на Балканот, а можеби и Европа. Тоа е тумул на 5,6 километри од Делчево кон Виница.






Ископувањата во 200, почнале бидејки во тој период владеела една неверојатна потрага по злато и скапоцености во регионот, како и во целата република, поради што загрозени биле бројни археолошки локалитети.
-Ние работиме на најзагрозените тумули. Трите истражувани досега беа и најоштетени од диво копање. Дали ќе продолжиме зависи од финансиите бидејки ископувањето чини доста. Досега работевме и на една римска некропола кај с.Драмче која што даде интересен археолошки материјал. Имавме среќа да најдееме 18-тина гробови, погребувања од римско време, кои што се сепак во вид на мали тумули. Тоа е една стара древна традиција која влече корени од железното време на овие простори, меѓутоа приметен е ритуалот на кремирање на покојниците. Некрополата е значајна затоа што откриен е материјал од кој дознаваме дека таму се погребувани римски војници. Имаме остатоци од војнички чизми, стрели, копја, кои што упатуваат дека тука некаде поминувала значајна сообраќајница, постоело некое војничко утврдување и оттаму и појавата на оваа војничка некропола кај селото Драмче, додава Јованов.



Првите археолошки систематски истражувања во Делчевско во 2001 дале резултати, бидејки се откриени значајни археолошки локалитети.

Во селото Град археолошките ситематски истражувања дале повеќе резултати. Прво како што раскажува вишиот конзерватор Трајче Мацев во главно се работело на два локалитети, еден во дворот на црквата св.Ѓорѓи каде добиени се неочекувани резултати, бидејки се очекувало да излезе Базилика од доцноантичкиот период.
-Тука оваа база говореле дека има уште две бази, но тие биле уништени. Без раалика на сето тоа, констатирано е дека датираат од доцноантички период. Базиликата се уште не е утврдено каде се наоѓа, но со понатамошни истражувања, сигурен сум дека ќе се најде и самата Базилика.

По откривањето на овој простор од стариот објект се истражувало и на западниот дел од црквата, при што е откриено некропола од 18 и 19 век што одговара на постарата црква.
-За да се утвди основата на црквата од 19 век, покрај јужниот периметрален ѕид на црквата е направена контролна ро-сонда во која се откриени наоди од железното време. Тоа е сензација, бидејки во еден голем временски период се најдени предмети. Најдени се лачна фибула со белачки штит, потоа спирална белегзија, масивна белегзија од бронза и малоазиски тип на фибула. Овие предмети се гробни прилози, што значи дека под темелите на црквата постоела можеби некоја Могила или некоја Некропола, која со градењето на старата црква и употребата на истата била уништена, раскажува Нацев.
Главната констатација на овие наоди од железното време била дека наодите се истоветни на останатите од Брегалничкиот басен и по реката Вардар.
Еден од локалитетите кои биле најнападнати од диви копања бил и локалитетот Градиште во селото Град.
-Со археолошките истражувања се започна прво на овој простор таканаречен јужно поградие. На овој простор е откриена целата влезна партија за оваа тврдина. Тврдината на овој простор кој е пронајден датира од 14 век. Ова е северна кула на влезната партија, тоа натаму е акропол, што сметам дека со понатамошни истражувања ќе ги откриеме и другите станбени објекти на тврдината.
Од подвижни предмети таму била пронајдена фрагментирана керамика, монети од 14 век и фрагменти од стакло.

-Овој простор пред 14 век бил населен и во доцноантичкиот период. Оттогаш на оваа кула на северниот довратник, има и еден аголен ѕид од доцноантички период, додека во подножјето на првата тераса е најдена влезната парија од доцноантичкиот период. Најдена е и една монета од 5,6 век односно од Јустин. Досега не се споменува во литературата некои податок за овој локалитет, додава Нацев.

Покрај работењето на овој дел се истражувало и на акрополниот дел.
-Испод нивото на него е пронајдена и керамика од доцно-бронзено време, а во подлабоките слоеви е пронајдена и керамика од енеолитскиот период. Истражувањата ги насочивме во северното подградие, каде наидовме случајно на три садови од неолитскиот период, тоа се најстарите откритија за почетокот на животот во Делчевско.



Во емисијата на Бранковиќ, д-р Благоја Пејковски го споменува и локалитетот Кулата.
Кулата е средновековнен објект граден во 17 век, по прецизни податоци кога е градена пишани документи не постојат. Градена е во 17 век, меѓутоа се знае дека е срушена од земјотрес 1904. Карактеристично за неа е што има димензии 7:7 висината била 14 метри. Користен е природен материјал, камен врзно средство вар итн .. Во оваа фаза се предвидува конзервација она што останало од куката да се заштити, да не дојде до целосно пропаѓање, вели Пејковски.

Видеото насловено ,,Делчевски археолошки тајни” во продолжение:

Leave a Reply