Денес се празнува Св.Архангел Михаил

Михаил (хебр. מיכאל, арап. ميكائيل) — архангел споменат во Откровението (12:7); во Стариот завет Михаил е споменат по име во перисиски контекст на Книгата на пророкот Данаил. Претставен е како заповедник (војвода) на Господовата војска. Таму тој се јавува како „еден од првите кнезови“ (Данаил, 10:13) кој во привидението на Данаил му притекнува на помош на архангел Гаврил во борбата против ангелот на Персија, а опишан е и како застапник и бранител на Израел и „големиот кнез кој ги штити синовите на твојот (Данаиловиот) народ“ (Данаил, 10:21, 12:1). По талмудските преданија неговото име значи „како Ил (Бог)“ или „Иловиден“, „Илолик“ („Боговиден“, „Боголик“)

Михаил е меѓу главните ангели во Аврамските преданија; се вели дека неговото име било борбен извик на ангелите на небесата во борбата против Сатаната и неговите следбеници.

Голем дел од доцните Мидрашки подробности за Михаил се пренесени преку Книгата на Енох, од каде понатаму биле дообработени.

Во доцно-средновековното Христијанство, Михаил, заедно со Свети Ѓорѓи станале светец заштитник на витештвото, како и на првиот витешки ред на Франција, Редот на Свети Михаил во 1469. Во британскиот систем на почести, витешкиот ред основан во 1818 е именуван по овие двајца светци – Ред на Свети Михаил и Свети Ѓорѓи. Во многу христијански кругови Свети Михаил се смета за заштитник на борците. Полицајците и војниците, а особено падобранците го сметаат за нивен светец-заштитник.

Римокатолиците и православците го нарекуваат Свети Архангел Михаил, а неговиот празник — Арангел (21 ноември).

Икона на архангел Михаил, XVII век, Галерија на икони, Охрид

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*