Роднокрајните автори од Делчево добија ѕидно катче во ЈЛБ ,,Илинден”

Роднокрајните автори од Делчево добија ѕидно катче во Јавната локална библиотека ,,Илинден”, која денес за дел од авторите кои дојдоа во просториите на читалната, организираше едночасовно дружење.

Во рамки на настанот беа предложени повеќе идеи во насока на продлабочување на соработката со Јавната локална библиотека ,,Илинден” која од минатата година најави интензивни активности со најмладите, кои во наредниот период поопширно ќе се запознаат со делата на роднокрајните автори.

-Кон крајот на минатата година, на средба со роднокрајните автори, ЈЛБ „Илинден“ вети дека 2025 година ќе биде во знакот на роднокрајните автори. Се договоривме дека библиотеката ќе постави фотографии од роднокрајните автори, со кратка биографија и краток извадок од некое нивно дело. Ветено, реализирано. Ѕидовите на читалната на библиотеката од денес ги красат 28 фотографии од наши роднокрајни автори,, информираше директорката Билјана Петровска.

Фотографиите од роднокрајните автори се изложени во читалната, а самите тие беа воодушевени од иницијативата на директорката Петровска.

-Денес наши гости беа дел од роднокрајните автори. Имавме убав кафе муабет и договоривме идни активности. Овие фотографии ги поставивме во читалната, затоа што таму се одржуваат скоро сите активности на библиотеката, состаноци, седници на Совет, венчавки, посетеноста е поголема и сите кои доаѓаат, ќе имаат можност, да се потсетат или на ги запознаат нашите роднокрајни автори, додаде Петровска.

Значајно според неа е да се покаже почит кон роднокрајните автори и да не се заборави нивното творештво, затоа што е дел од нашето културно наследство.

-Да ги зачуваме и да се радуваме на секој наш роднокраен автор, кој оставил зад себе белег со убав напишан збор, записи од наши сограѓани или записи кои сведочат за нашиот крај. Од име на ЈЛБ„Илинден“ огромна благодарност со нашите сограѓани Орце и Наташа од „Студенски сервис“ – Скопје, кои и овој пат ја покажаа својата добрина, хуманост и разбирање со тоа што ги изработија овие фотографии, кои навистина се прекрасни, додаде директорката на делчевската установа.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*