Општина Пехчево преку Бирото за регионален развој и Министерството за транспорт и врски обезбеди финансиски средства за реализација на повеќе инфраструктурни проекти од локално значење.
Со поддршка од Бирото, ќе се спроведе реконструкција на домот во село Панчарево, како дел од програмата за развој на подрачја со специфични развојни потреби. Планирана е и реконструкција и рехабилитација на постоечкиот пат во село Умлена, при што Општината ќе учествува со сопствени средства во половина од вредноста на проектот. Во рамки на развојот на урбаните зони, ќе се изгради дел од улица во индустриската зона Чуката во Пехчево, со исто така учество од страна на општината.

Покрај овие иницијативи, градоначалникот Александар Китански денес во просториите на Министерството за транспорт и врски потпиша договор за реконструкција и рехабилитација на локалниот пат што ги поврзува селата Робово и Умлена. Овој проект е финансиран преку Потпрограмата АА за 2025 година.
– Со реализацијата на овие проекти испраќаме јасна порака дека континуирано работиме на унапредување на инфраструктурата, подобрување на условите за живот и зголемување на туристичко-економскиот потенцијал на општината. Нашата цел е поудобен, побезбеден и поквалитетен живот за сите жители – изјави градоначалникот Китански за МИА.
Проектите ќе започнат веднаш по завршувањето на тендерските постапки и се дел од долгорочната стратегија за одржлив и рамномерен развој на Пехчево.


Leave a Reply