„Делчево низ времето” – изложба на ЈЛБ ,,Илинден”

Делчево, 16 јули 2025 (Делчево365) – Во холот на Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево денеска беше отворена изложбата насловена „Делчево низ времето“, посветена на историјата на некогашното Царево село, прикажано преку стари и досега необјавени фотографии и документи.

На изложбата се презентирани осум автентични фотографии, стари повеќе од еден век, кои за првпат ѝ се прикажуваат на јавноста. Фотографиите прикажуваат животни сцени, луѓе, улици и објекти од минатото на Делчево, а секоја од нив е проследена со краток опис за времето и местото на настанување.

Посебна вредност ѝ даваат и оригинални извадоци од весници од 1921 година, во кои се спомнува Царево село, како и интересни стории кои сведочат за неговото значење и постоење.

– Преку оваа изложба сакаме да го оживееме споменот за нашето Делчево. Во време кога негираат дека постоиме како народ, ние им го покажуваме нашето минато – преку документи, фотографии, весници и преку гласот на нашите предци. Тоа зборува погласно од секое негирање. Ние постоиме – со докази, со спомени и со гордост, порачуваат од Библиотеката.

ЈЛБ „Илинден“ изрази голема благодарност до Мартин Димоски, кој ги донираше материјалите за трајно чување во библиотеката и овозможи тие да бидат достапни за јавноста.

Изложбата останува отворена за посетители во текот на наредните денови, а од Библиотеката ги повикуваат сите љубопитни граѓани и читатели да ја разгледаат поставката и да се потсетат на едно време за кое малку се зборува, но многу значи.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*