Во Делчево одржани „Книжевни избори 2025“ – најмногу гласови доби трилерот како омилен книжевен жанр

И годинава, пред вистинските избори, во Делчево најпрвин гласаа – книгите. Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево, традиционално ги организираше своите „Книжевни избори 2025“, на кои читателите, учениците и љубителите на пишаниот збор гласаа за омилен книжевен жанр.

Настанот беше реализиран во соработка со учениците од VI-3 одделение и наставничката по македонски јазик Валентина Даневска, библиотекар во ООУ „Св. Климент Охридски“ – Делчево.

Избирачкото место во библиотеката беше отворено во 12:45 часот, а гласањето траеше до 13:15 часот, во весела и креативна атмосфера. Учениците имаа можност да се запознаат со процесот на гласање, работата на избирачкиот одбор и броењето на гласовите.

На овие „книжевни избори“, своето учество го дадоа и кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори 2025, Иван Гоцевски и Дејан Глинџарски, кои на покана на библиотеката гласаа и за своите омилени жанрови.

Според резултатите, победник на Книжевните избори 2025 е жанрот „трилер“ со 12 гласа, следен од сликовницата со 11 гласа, романсата со 7, и лектирата со 5 гласа.

Од библиотеката порачаа дека најважно беше дружењето, насмевките и љубовта кон книгата – вредности што ги обединуваат сите генерации.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*