Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ донираше нова апаратура за физикална терапија во ГОБ „8 Септември“

Скопје, 28 октомври 2025 – На Одделот за физикална терапија и рехабилитација во ЈЗУ ГОБ „8 Септември“ денеска беше извршен увид во новата медицинска апаратура донирана од Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на настанот, изрази благодарност до фондацијата за донацијата и истакна дека ваквите примери на општествена одговорност се од особено значење за унапредување на здравствениот систем.

„Сакам да се заблагодарам на Фондацијата ‘Д-р Верица Механџиска’ за оваа донација што ја овозможи за болницата ‘8 Септември’. Ова е голема и значајна помош, единствена од ваков тип во Македонија. Исклучително сум благодарен што имаме вакви општествено одговорни компании кои покажуваат дека покрај своето тековно работење, придонесуваат и за подобри услови за живот на граѓаните“, изјави премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека ваквата опрема претставува додадена вредност за здравствениот систем и ќе придонесе за подобри услови за рехабилитација на пациентите во државните здравствени установи.

Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ е препознаена по своите хуманитарни активности и континуирана поддршка на здравствените институции во земјава, со цел подобрување на условите за лекување и грижа за пациентите.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*