Во периодот од 22 до 31 октомври 2025 година, Рудник САСА, во соработка со детската градинка „Бамби“, основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби во Македонска Каменица, ја реализираше еко кампањата „Супер добри дела“, наменета за најмладите членови на заедницата.
Преку забавни и едукативни активности, кампањата ги поттикна децата да научат повеќе за рециклирањето, заштитата на животната средина, општествената одговорност и емпатијата.
Во рамки на оваа еко кампања, децата на возраст од четири до шест години од ЈОУДГ „Бамби“, учениците од прво до петто одделение од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ и корисниците од Дневниот центар за лица со посебни потреби, предводени од своите наставници и асистенти, рециклираа пластични шишиња во вендинг машината во градот, донирана од Фондацијата на Рудник САСА.
За секое рециклирано шише тие добиваа поени, а средствата добиени од рециклирањето – кои, со одлука на менаџментот на Фондацијата на Рудник САСА, беа неколкукратно зголемени – ќе му бидат ставени на располагање на Дневниот центар за лица со посебни потреби за набавка на потребните намирници.

Како награда за своето учество, децата добија симболичен подарок – еко торба, како и влезници за едукативната театарска претстава со еколошка порака „Марсовски пикник“, која беше изведена во Домот на културата во Македонска Каменица.
Претставата, исполнета со хумор, музика и интерактивна игра, на креативен начин ги запозна најмладите со темите за рециклирањето и грижата за планетата Земја.

„Со оваа еко кампања сакавме да покажеме дека секое мало добро дело создава голема промена – како за заедницата, така и за животната средина. Особено сме среќни што преку игра и забава ги вклучивме децата во процесот на учење за рециклирањето и солидарноста,“
изјави Марија Стојановска, раководител на Службата за заштита на животната средина во Рудник САСА.
Еко кампањата „Супер добри дела“ е дел од низата општествено одговорни активности што ги реализира Рудник САСА во рамките на својата долгорочна стратегија за заштита на животната средина, одржлив развој и поддршка на локалната заедница.
Македонска Каменица, 1 ноември 2025 година





Leave a Reply