
Во рамки на Проектот „Воспоставување мрежа за искуствено учење и спроведување на годишна програма за едукација за животната средина и климатски промени“, финансиран од Шведската амбасада и УНИЦЕФ, ученици од V одделение по предметот Природни науки учествуваа на едукативна работилница со тема „Растенијата како прочистувачи на почва, вода и воздух“.
Настанот се одржа на 25 ноември 2025 година во Ботаничката градина при Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што учениците имаа можност преку практична, искуствена настава да се запознаат со значајната улога на растенијата во заштитата на животната средина.
Работилницата опфати низа експерименти и активности, при што учениците самостојно истражуваа и набљудуваа природни процеси, меѓу кои:
- Експеримент за загадување на воздухот, преку кој учесниците научија како одредени растенија можат да ја намалат концентрацијата на штетни честички и гасови.
- Експеримент за улогата на растенијата во прочистување на водата, каде што учениците видоа како кореновите системи природно филтрираат и апсорбираат загадувачи.
- Експеримент што го демонстрира ефектот на стаклена градина, со кој се објасни начинoт на кој се задржува топлината во атмосферата и како растенијата влијаат врз регулирањето на климатските промени.
Наставниците и менторите истакнаа дека ваквиот тип практична настава е исклучително важен за развивање на еколошка свест кај младите, бидејќи учениците преку директно искуство подобро ги разбираат процесите и последиците од човековото влијание врз природата.
Работилницата беше дел од поширока иницијатива за воспоставување Мрежа за искуствено учење, чија цел е да се стимулира активно учество на младите во еколошки активности и да се зајакнат нивните знаења за климатските промени.
Овој настан претставува одличен пример како современата настава може да придонесе кон едукација за одржлива иднина, мотивирајќи ги учениците да станат активни чувари на природата.

Leave a Reply