Потсетување до клубовите и здруженијата: Во тек е пријавувањето за финансиска поддршка од Општина Делчево

Општина Делчево потсетува дека сè уште е отворен рокот за пријавување на двата јавни повици за доделување финансиска помош во областа на спортот и граѓанскиот сектор.

За оваа намена, во Буџетот на Општина Делчево за 2026 година се предвидени вкупно 1,5 милиони денари, средства кои ќе бидат транспарентно распределени согласно јавно објавените критериуми. Поддршката е наменета за спортски здруженија, клубови и други правни лица од областа на спортот, како и за граѓански здруженија кои функционираат на територијата на општината и ќе се пријават на јавниот повик.

Согласно Правилникот за условите, начинот и постапката за доделување финансиска помош, право на учество имаат сите граѓански здруженија регистрирани на подрачјето на Општина Делчево. Приоритетни области за финансирање на проектни и програмски активности се: локален економски развој, техника, образование, култура, уметност, социјална заштита, заштита на животната средина, еднакви можности и младински политики.

Здруженијата треба да бидат регистрирани во согласност со Законот за здруженија и фондации најмалку една година пред објавувањето на повикот и да дејствуваат на територијата на Општина Делчево.

Право на учество имаат и спортските клубови и спортски здруженија кои ги исполнуваат следните услови: да поседуваат решение за регистрација согласно закон, да дејствуваат на територијата на општината, како и спортските клубови во рамките на основните и средното училиште во Делчево. На повикот можат да се пријават и правни лица кои ќе организираат спортски манифестации што придонесуваат за развој на спортот на локално ниво.

Пријавите, заедно со потребната документација, може да се достават до Архивата на Општина Делчево лично, по пошта или во електронска форма.

Рокот за поднесување пријави е 15 дена – од 16.01.2026 до 30.01.2026 година.

Јавните повици со детални информации и обрасци се објавени на официјалната веб-страница на Општина Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*