Македонија со богата културно-уметничка програма претставена на „Вечери на Балканите“ во Благоевград

БЛАГОЕВГРАД – Во рамки на културно-гастрономската манифестација „Вечери на Балканите“, што се одржа во Благоевград, Република Бугарија, Република Македонија беше претставена со богата и разновидна културно-уметничка програма, насочена кон промоција на националната култура и традиционалното наследство.

Настанот имаше за цел унапредување на културниот дијалог и регионалната соработка преку презентација на музиката, фолклорот и автентичните културни вредности на земјите од Балканот.

На манифестацијата, покрај заменик-амбасадорката на Република Македонија и повеќе странски делегации, присуствуваа и директорот на Центарот за култура Златко Начовски, како и делегација предводена од градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, кои со своето присуство ја поддржаа културната промоција на државата.

Во рамки на културната програма настапија еминентните уметници Сузана Спасовска и Благоја Груевски, ВИС „Аманет“ од Скопје, како и колекцијата на македонски народни носии на Дамјан Ристовски. Фолклорната група „Вапцаров“ се претстави со изворни ора и песни, пренесувајќи ја автентичната македонска фолклорна традиција пред бројната публика.

Со учеството на оваа манифестација беше даден значаен придонес во достојното претставување и афирмација на македонската култура и културно наследство во регионот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*