ОДБЕЛЕЖАНИ 154 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО ЈЛБ „ИЛИНДЕН“ – ДЕЛЧЕВО

Ако некој се запраша кој бил најголемиот револуционер, патриот и неуморен борец за слободата на Македонија, одговорот е еден – Гоце Делчев. Тој бил Македонец во вистинска смисла на зборот и симбол на македонската борба за слобода и независност.

Ѓорѓи Николов Делчев, познат кај народот како Гоце Делчев, е роден на 4 февруари 1872 година во Кукуш, Егејска Македонија. Денеска се навршуваат 154 години од неговото раѓање.

По тој повод, Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево ја одбележа годишнината со учениците од петто одделение при ООУ „Ванчо Прке“ – Делчево, заедно со нивните наставници Младен, Гоце и Емилија.

Во читалната на библиотеката беа читани делови од биографијата на Гоце Делчев, негови познати мисли и изреки, како и беа прикажани фотографии, кои учениците ги поставија на тематска табла посветена на големиот македонски револуционер.

Од ЈЛБ „Илинден“ упатија благодарност до ООУ „Ванчо Прке“, наставниците и учениците за заедничкото одбележување на овој значаен историски датум и за негувањето на сеќавањето на ликот и делото на Гоце Делчев.

Гоце Делчев го даде својот живот за татковината. Како народ, должни сме да бидеме благодарни, да се поклонуваме пред неговото дело и никогаш да не ја заборавиме неговата мисла водилка – Македонија вечна да биде.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*