
Поради појавени шпекулации и дезинформации што во изминатиот период се шират меѓу граѓаните на Делчево и во јавниот простор, а се однесуваат на наводни планови за отворање фабрика за рециклирање или согорување на медицински отпад во објектот „Кожара“, компанијата ММЦ Прогрес достави јавен демант, кој го објавуваме во целост и без интервенции.
ЈАВЕН ДЕМАНТ MMЦ ДЕЛЧЕВО
Во последните денови во Делчево се шират гласини дека компанијата ММЦ Прогрес планира отворање фабрика за рециклирање или согорување на медицински отпад во објектот „Кожара“.
Овие тврдења се целосно невистинити и категорично ги демантираме.
Точно е дека ММЦ го купи објектот „Кожара“, кој според планската документација има намена Г1 – тешка и загадувачка индустрија. Сепак, сакаме јасно, недвосмислено и одговорно да истакнеме дека ММЦ никогаш немала, ниту има намера да развива тешка, загадувачка индустрија, ниту пак било каква активност поврзана со третман, согорување или управување со било каков вид отпад.
Нашата намера со оваа инвестиција е да создаваме нови вредности, да отвориме нови работни места и да придонесеме кон зајакнување на локалната економија – што претставува единствениот одржлив пат кон подобра иднина за нашата заедница.
Како луѓе што живеат, работат и ги растат своите деца во Делчево, целосно ја разбираме загриженоста на нашите сограѓани. Таа загриженост е оправдана. И ние не сакаме во нашиот град да се отвори фабрика за согорување или третман на медицински отпад – без разлика кој би бил инвеститорот.
ММЦ стои на страната на своите сограѓани.
Доколку некогаш се појави обид за реализација на ваков или сличен проект во Делчево, нашата поддршка ќе биде со заедницата и со граѓаните кои се спротивставуваат на таков вид развој.
Делчево,
07.02.2026 година
Во продолжение фотографија од демантот и мејот кој го добивме пред малку:



Leave a Reply