Во пресрет на 8 Март: Библиотеката „Илинден“ во Делчево организираше дружење со читателки пензионерки

По повод претстојниот Меѓународен ден на жената – 8 Март, ЈЛБ „Илинден“ од Делчево организираше дружење со своите долгогодишни читателки – пензионерки, кое помина во пријатна атмосфера исполнета со книги, разговори и спомени.

Настанот се одржа под мотото „Жени, книги и спомени“, при што присутните имаа можност да се потсетат на силата и улогата на жената низ времето, како и на значењето на читањето како вредност што ги поврзува генерациите.

На средбата беа споделени бројни животни приказни и искуства, а присутните разговараа за литературата и за спомените поврзани со библиотеката, која за многумина од нив со децении претставува место на знаење, дружење и инспирација.

Од библиотеката истакнаа дека ваквите настани се начин да им се оддаде почит на читателките кои со својата љубов кон книгата и посветеност кон читањето придонесуваат во создавањето на културната традиција и историјата на институцијата.

– На убав и посебен начин го одбележавме празникот на жената, мудроста и богатството на животното искуство. Ни беше особено задоволство што наши гости беа читателките кои со години се дел од библиотеката и на некој начин ја пишуваат нејзината историја, истакнаа од ЈЛБ „Илинден“.

Од библиотеката упатија и честитка до сите припаднички на понежниот пол по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.

https://youtu.be/Y50BU_lExY8

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*