Делчевската библиотека го одбележа Светскиот ден на литературата за деца во ЈЛБ „Илинден“

По повод Светскиот ден на литературата за деца, кој традиционално се одбележува на роденденот на Ханс Кристијан Андерсен, Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево организираше едукативно и креативно дружење со ученици од второ одделение од ООУ „Св. Климент Охридски“.

Настанот помина во духот на детската фантазија, со читање и прераскажување на познати бајки, препознавање литературни ликови и создавање сопствени приказни. Учениците имаа можност да патуваат низ светот на литературата, запознавајќи ги јунаците од делата како Алиса во земјата на чудата, Малата сирена, Пинокио, Грдото пајче и Црвенкапа.

Преку интерактивни активности, децата ги откриваа пораките за добрина, храброст и искреност, додека низ игра и креативност создаваа сопствени „мали светови од зборови“. Особено внимание привлече и запознавањето со ликовите од Мачорот во чизми, Јованче и Марика и Волкот и седумте јариња.

Од библиотеката информираат дека овој ден традиционално се одбележува секоја година, со цел да се поттикне љубовта кон книгата уште од најрана возраст и да се развива читачката култура кај најмладите.

Настанот беше реализиран со поддршка од наставничките и учениците, на кои од библиотеката им упатија благодарност за учеството и придонесот во создавањето на една вистинска бајковита атмосфера.

Светскиот ден на литературата за деца е потсетник дека детството започнува со приказна, а љубовта кон книгата трае цел живот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*