Вики Раткова е наша пејачка која со семејството живее во Германија. Таа гостуваше на наш поткаст минатата година, а денес е актуелна со новата песна за која направивме мини интервју со нашиот вокал.

Со новата песна „Нема како дома“, носиш силна емоција и порака. Што те инспирираше да ја создадеш?
– Благодарам. „Нема како дома“ е изјава на мојата љубов кон Македонија. Сакав да ја пренесам таа топлина и чувство на припадност што го чувствувам секогаш кога се враќам дома. Музиката и текстот се мои, па верувам дека слушателите ќе го препознаат мојот „ракопис“ и автентичната емоција.
Текстот и музиката носат силни емоции. Која е пораката што сакаш да ја споделиш со публиката?
– Пораката е едноставна – да не забораваме од каде сме и да го чуваме и славиме нашиот идентитет, традиција и култура. Сакам луѓето да останат поврзани со своите корени.
Неодамна стана мајка на Петар. Како се снаоѓаш во оваа нова улога?
– Петар донесе нова радост во мојот живот – љубов каква досега не сум почувствувала. Ми помогна да откријам колку љубов, бестрашност и трпение сум носела во себе. Искрено, чувствувам дека никогаш не сум била посреќна.

Дали мајчинството е предизвик и како го балансираш со музичката кариера?
– Мајчинството е и предизвик и огромно задоволство. Не е секогаш лесно да се најде баланс, но со добра организација и поддршка од најблиските успевам. Настапите ми се како мало „освежување“, а времето со син ми ми дава нова мотивација. Навистина е win-win комбинација.
Планираш ли настапи каде публиката ќе може да ја слушне песната во живо?
– Да, во наредниот период имам настапи и приватни прослави, најмногу во и околу Хамбург. Таму, покрај стандардниот репертоар, ќе ја изведувам и „Нема како дома“ во живо.

Како гледаш на македонската музичка сцена денес?
– Имаме многу талентирани млади артисти. Потребни се повеќе платформи за промоција и видливост, бидејќи квалитетната музика не треба да остане во сенка на комерцијалата.
Кои македонски изведувачи ги слушаш периодов?
– Во последно време ги слушам Дупер со „На пола пат“, Слаткар со неговите нови песни, а од женските изведувачи ми се допаѓаат Мартија Станојковиќ и Тина Русева. Генерално, најмногу слушам поп музика.

Кои се твоите идни планови во музиката?
– Продолжувам да создавам музика што допира до срцата на луѓето. Имам нови текстови и идеи кои чекаат реализација. Можеби со малку побавно темпо поради мајчинството, но музиката нема да застане. Планирам нови синглови, спотови и настапи во Германија со мојот бенд.

Leave a Reply