– Се зацврстува и проширува соработката меѓу општините Делчево и Рача, Србија, со фокус на образованието како клучна инвестиција во иднината на двете заедници, соопшти градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски.
Делегација од Делчево, составена од претставници на образовните институции, деновиве престојува во општина Рача, каде што остварила работна средба со градоначалникот Бранко Радосављевиќ и претставници од локалните училишта. На средбата биле дефинирани идните чекори за продлабочување на партнерството меѓу двете општини.
„Посетата на Рача отвора ново поглавје во соработката во областа на образованието. Нашата цел е да изградиме современ образовен систем преку размена на искуства, наставни практики и воведување дигитални алатки во наставата“, изјави Гоцевски.
Тој потенцира дека посебен акцент ќе биде ставен на дигитализацијата, модернизацијата на наставните процеси и градењето партнерства меѓу училиштата од двете општини, со цел создавање нови можности за младите и нивниот личен и професионален развој.
Во рамки на соработката, како што беше нагласено, ќе се обнови и традицијата на меѓусебни ученички посети, што ќе придонесе за зајакнување на врските меѓу младите од Делчево и Рача.
Соработката меѓу двете општини трае веќе 16 години и опфаќа повеќе области, меѓу кои економски развој, култура и ловен туризам.
Од двете страни беше изразена подготвеност за продолжување на заедничките проекти и иницијативи, со цел создавање долгорочни партнерства засновани на доверба и заемна поддршка


Leave a Reply