Јавната локална библиотека „Илинден“ – Делчево денес беше домаќин на децата кои се дел од летниот камп при ООУ „Св. Климент Охридски“, при што најмладите имаа можност одблиску да се запознаат со светот на книгите и функционирањето на библиотеката.
Во рамки на посетата, учениците ја разгледаа читалната и се информираа за секојдневната работа на библиотеката, како и за богатиот книжевен фонд што им е достапен на читателите. Особено внимание беше посветено на роднокрајните автори и нивните дела, преку кои се негува и се зачувува културното и книжевното наследство на Делчево и регионот.
Покрај тоа, децата имаа можност да дознаат како настанува една книга – од првата идеја и процесот на пишување, преку уредувањето и печатењето, па сè до моментот кога книгата станува дел од библиотечните полици и стигнува до своите читатели.
Од библиотеката истакнуваат дека ваквите едукативни посети имаат значајна улога во поттикнувањето на љубовта кон читањето, творештвото и стекнувањето нови знаења кај најмладите.
– Се надеваме дека оваа посета кај многумина ќе ја разбуди љубовта кон книгата и читањето. Нашата библиотека секогаш ќе биде место каде што љубопитноста расте, а знаењето се споделува – порачаа од ЈЛБ „Илинден“ – Делчево.
Од библиотеката упатија благодарност до децата и наставниците за посетата, со покана повторно да ги посетат и да продолжат да го откриваат богатството што го нуди светот на книгите.

Leave a Reply