Гоцевски: Производството на вишна е двигател на локалната економија, Општина Делчево ќе продолжи со поддршка на овоштарите

Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, при посетата на вишновите насади во Пијанец во текот на бербата, истакна дека производството на вишна претставува една од најзначајните земјоделски гранки во регионот и важен извор на приходи за голем број семејства.

Како што посочи Гоцевски, локалната самоуправа останува посветен партнер на земјоделците преку креирање услови за понатамошен развој на овоштарството и подобрување на условите за работа.

– Производството на вишна не е само земјоделска дејност, туку значаен двигател на локалната економија. Наша обврска како Општина е да бидеме партнер на земјоделците и да создадеме услови за нивен понатамошен развој, истакна Гоцевски.

Тој нагласи дека поддршката ќе се реализира преку подобрување на пристапната инфраструктура до насадите, соработка со надлежните институции за олеснување на пласманот на производите, организирање едукативни обуки, како и преку активно аплицирање на домашни и меѓународни програми и проекти наменети за развој на овоштарството.

Градоначалникот упати благодарност до сите производители и сезонски работници кои учествуваа во овогодишната берба, оценувајќи дека нивниот труд заслужува почит и континуирана институционална поддршка.

Според податоците што ги објави Општина Делчево, на нејзината територија во моментов се одгледуваат вкупно 234 хектари вишнови насади, што ја потврдува важноста на оваа култура за земјоделското производство и економскиот развој на Пијанечкиот регион.

Гоцевски изрази очекување овогодишната берба успешно да заврши и да претставува поттик за уште подобри резултати во наредните производствени сезони.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*