Делчевчанката Дијана Петрова со нов роман – „Изгубените женски ракописи“ излезе од печат

Македонската писателка Дијана Петрова, по потекло од Делчево, ја објави својата четврта авторска книга – романот „Изгубените женски ракописи“, кој деновиве излезе од печат.

Станува збор за постмодернистички историографски роман кој преку главната наративна линија го следи развојот на македонската книжевност, почнувајќи уште од 13 век, со особен акцент на 19 век – период што се смета за клучен во развојот на македонската нација, јазик и култура.

Романот ги комбинира постмодернистичките книжевни техники со епистоларни елементи, а преку писма, раскази и исповедни сегменти ја прикажува и современата македонска литература, нејзиниот развој и нејзиното место во европските книжевни текови.

Главниот лик, кој верува во предодреденоста да стане писател, посетува часови по креативно пишување, а преку неговото созревање читателот навлегува во комплексна приказна исполнета со книжевни мистерии. Централно место има потрагата по стари ракописи оставени од пензиониран универзитетски професор – потрага што открива досега непознати страници од историјата на македонската литература.

Особено значајно место во романот има афирмацијата на женските авторки и интелектуалки, како и нивниот придонес во македонската култура. Преку преплетување на историски факти и книжевна фикција, Петрова отвора нови перспективи за развојот на книжевноста создавана од жени и улогата на женските училишта во Македонија.

„Изгубените женски ракописи“ е продолжение на авторскиот интерес на Петрова за темите поврзани со женската историја и идентитет, започнат со романот „Излегувањето од сенка – Тајното женско училиште“, објавен во 2023 година.

Дијана Петрова е родена на 8 април 1992 година во Делчево. Таа е професорка по македонски јазик и литература, дипломирала и магистрирала на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Досега ги има објавено романот „Бдеењето над себе“ (2018), збирката раскази „Не правете им сенка на гробовите“ (2020, второ издание 2021), романот „Излегувањето од сенка – Тајното женско училиште“ (2023), а најновото дело „Изгубените женски ракописи“ претставува нејзина четврта книга.

Петрова е авторка на бројни есеи и раскази објавени во реномирани книжевни списанија, учесничка на меѓународниот фестивал „Букстар“, како и добитничка на писателска резиденција на европската мрежа „Традуки“.

Во својата досегашна кариера е добитничка на повеќе значајни признанија. Во 2023 година ја освои првата награда на конкурсот на Фондот на холокаустот во Македонија за расказот „Рош хашана“, додека во 2024 и 2025 година двапати по ред ја доби престижната награда „Живко Чинго“ за расказите „Јоанес Даубманус“ и „Мизенабим“.

Со своето најново книжевно остварување, Делчевчанката Дијана Петрова продолжува да го гради своето место меѓу најзначајните современи македонски автори, носејќи нов и оригинален поглед кон историјата на македонската книжевност и културното наследство.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*