ЈЛБ „Илинден“ – Делчево за првпат организира промоција на графички роман

На 8 август авторот Бобан Пешов ќе го промовира стрипот „Беше еднаш на Истокот“, а посетителите ќе имаат можност да добијат примерок со лична посвета и потпис.

Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево за првпат ќе организира промоција на графички роман (стрип), со што отвора ново поглавје во својата културна програма. Настанот ќе се одржи на 8 август (сабота) со почеток во 13 часот, во фоајето на Спомен-дом АСНОМ.

Пред делчевската публика ќе биде претставен графичкиот роман „Беше еднаш на Истокот“ од авторот Бобан Пешов, во издание на Бункер.

На промоцијата ќе присуствува и самиот автор, кој ќе разговара со посетителите за процесот на создавање на делото, ќе одговара на прашања и ќе потпишува примероци од графичкиот роман со лична посвета.

Организаторите информираат дека на настанот ќе присуствуваат и претставници на издавачката куќа „Бункер“, кои ќе споделат повеќе информации за изданието и за современата македонска стрип-сцена.

Од библиотеката посочуваат дека целта е да се доближи графичкиот роман до пошироката публика и да се истакне неговото значење како современа книжевна и уметничка форма која преку визуелно раскажување обработува различни теми и приказни.

Од ЈЛБ „Илинден“ ги покануваат сите љубители на книгата, стрипот и визуелната уметност да присуствуваат на промоцијата и да бидат дел од првиот ваков настан што го организира библиотеката.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*