На 7 август 2026 година, Делчево беше домаќин на две драги гости од Франција – Marie Madeleine од Лион (Lyon) и Смилe од Руан (Rouen), кои остварија посета на покана и во организација на претседателот на ПСК „Голак“ Делчево, дипл. шум. инж. Љупчо Чучуковски.
Посетата имаше цел меѓусебно запознавање и продолжување на соработката и пријателството преку планинарските и пешачките активности. Marie Madeleine е секретар на здружението за пешачење „Bouger Ensemble – La Santé Sous Nos Pieds“ од Лион, додека Смилe е долгогодишен професор по спорт во Франција. Со него ПСК „Голак“ веќе три години има воспоставено пријателска соработка и реализирано повеќе заеднички активности.
Во текот на денот, гостите имаа можност да се запознаат со Делчево и дел од природното и културното богатство на општината.
Првата посета беше на езерото и мини-зоолошката градина „Сандански“, сместени во срцето на Пијанечката, односно Делчевската Котлина.
Потоа следуваше пешачење и посета на природниот феномен „Истевнички Кукуљe“, над селото Нов Истевник, на планината Средна, како и посета на тврдината „Градиште“, над село Град, на падините на планината Влаина.
Во текот на целата посета, претседателот на ПСК „Голак“ Љупчо Чучуковски им ги претставуваше на гостите природните, историските и туристичките знаменитости на Делчево и поширокиот Пијанечки регион, како и интересните локации на петте планини кои се протегаат на територијата на општина Делчево. Разговорите и запознавањето се одвиваа на француски јазик.
По планинарските активности, гостите се вратија во Делчево, каде во ресторанот „Либеро“ имаа можност да ги вкусат специјалитетите и познатите пици.
Дружењето продолжи и во вечерните часови, со присуство на градскиот плоштад на „Голачките фолклорни средби“, организирани по повод Денот на градот Делчево.
Како знак на пријателство и гостопримство, на Marie Madeleine ѝ беше подарен редок и вреден материјал поврзан со Делчево и Пијанецот – книги, ЦД-а, карти и други публикации посветени на општината, Брегалничкиот регион и Македонија.
На Смилe му беше доделено и специјално знаме посветено на Разловечкото востание, како симболичен подарок и потсетување на значајниот историски настан од нашиот крај.
Посетата претставуваше уште една можност преку спортот, планинарењето и дружењето да се создадат нови пријателства и да се промовираат природните и културните вредности на Делчево и Пијанецот пред гости од странство.
Еден убав и позитивен ден, исполнет со пешачење, запознавање, дружење и пријателство – уште една потврда дека планинарството ги поврзува луѓето без граници.
ПСК „Голак“ Делчево

Leave a Reply