Од Голак до високите врвови на Алпите

Двајца членови од тимот на Golak Trails, Димитар Постоловски и Павел Ефтимовски во изминатите неколку дена реализираа планинска авантура во италијанските Алпи, во која за помалку од 60 часа успеаја да искачат четири врва повисоки од 4000 метри.

Авантурите започнаа од Rifugio Gnifetti, од каде што првиот ден се упативме кон Pyramid Vincent (4215 м), а потоа продолживме кон Balmerhorn (4167 м). Следниот ден на програмата беше Ludwigshöhe (4341 м), со што ги завршивме искачувањата на еден од најубавите делови од масивот Монте Роса, кој се протега на границата меѓу Италија и Швајцарија.

Временската прогноза уште од самиот почеток најавуваше променливо време, поради што моравме да дејствуваме брзо и да го искористиме стабилниот дел од денот. Токму поради прогнозата, искачувањата во првите два дена ги започнувавме уште во 4 часот наутро, со цел максимално да го искористиме поволниот период. Временските услови за искачување беа добри максимум до 10 часот претпладне, по што следуваше влошување на времето – густа магла и облачност, проследени со дожд, снег и град.

Особено предизвикувачко беше искачувањето на Ludwigshöhe, каде што силниот ветер, со налети од над 60–70 км/ч, дополнително го отежнуваше искачувањето. И покрај условите, успеавме да ја реализираме планираната тура.

По завршувањето на искачувањата на Монте Роса, нашата авантура продолжи кон Националниот парк Gran Paradiso, каде што следна цел беше истоимениот врв Gran Paradiso (4061 м).

Овојпат временските услови ни беа наклонети. Од Le Pont (1920 м), односно од самиот паркинг, до врвот Gran Paradiso (4061 м) и назад ја реализиравме целата тура за помалку од 11 часа.

Тоа значи околу 2140 метри висинско искачување. Сонцето и чистото небо ни овозможија да уживаме во искачувањето и прекрасните пејзажи.

За нас, оваа авантура беше цврста основа и драгоцено искуство за остварување на следните планинарски цели и предизвици.

Од Голак до високите врвови на Алпите.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*