Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево ќе даде свој придонес во иницијативата за зачувување и промоција на македонскиот јазик, културата и традицијата меѓу најмладите Македонци кои живеат во Германија.
Како што информираат од библиотеката, денеска во просториите на ЈЛБ „Илинден“ – Делчево бил одржан работен состанок со претседателот на Здружението на Македонците во Офенбург, „Македонска Зора-93 Офенбург“, Германија, Златко Митевски.
На средбата било разговарано за иницијативата за создавање простор во кој македонскиот јазик, културата, традицијата и љубовта кон книгата ќе им бидат поблиски на децата од македонската заедница во Офенбург.
Од библиотеката со особено задоволство го поздравуваат фактот што здружението добило дозвола за формирање паралелка во која децата ќе го изучуваат македонскиот јазик, како и за создавање македонско детско и информативно катче.
ЈЛБ „Илинден“ најави дека, во рамките на своите можности, ќе донира книги и литература за децата, со цел да придонесе кон збогатување на книжниот фонд и создавање простор за читање и учење на македонски јазик.
– Книгата не познава граници. Таа го чува јазикот, го буди споменот, ја негува припадноста и ги поврзува децата со нивните корени, истакнуваат од ЈЛБ „Илинден“.
Од библиотеката додаваат дека ваквите иницијативи се значајни за создавање нови генерации кои ќе го изучуваат и со гордост ќе го негуваат македонскиот јазик, културата и традицијата, независно од тоа каде живеат.

Leave a Reply