Во Делчево ќе биде отворен првиот Туристички културен информатор, со поддршка од Министерството за дигитална трансформација

ДЕЛЧЕВО, 11 септември 2026 – Во Општина Делчево в понеделник, 14 септември, ќе биде отворен првиот Туристички културен информатор, настан на кој ќе присуствува министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.

Отворањето е предвидено за 10:30 часот, а Туристичкиот културен информатор е замислен како место за промоција и афирмација на туристичките потенцијали на Делчево и Пијанец, со посебен акцент на локалното природно и културно наследство, традицијата и автентичноста на регионот.

Центарот е опремен со поддршка од Министерството за дигитална трансформација, со цел преку современи дигитални решенија да се унапреди туристичката промоција и достапноста на информациите за локалните знаменитости, природните и археолошките раритети, како и културното наследство на Делчево.

Од Општина Делчево посочуваат дека отворањето на информаторот претставува нов чекор во развојот и промоцијата на туризмот и има за цел да придонесе кон поголема препознатливост на Делчево како современа и автентична туристичка дестинација. Очекувањата се дека ваквиот пристап ќе придонесе и за поттикнување на туризмот, инвестициите и културната размена.

Туристичкиот културен информатор е дел од пошироката програма на Општина Делчево „Најдоброто од Делчево“, која се реализира во соработка со локални компании, здруженија и поединци.

Процесот е реализиран во партнерство со НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, а главната цел е афирмација на потенцијалите на Делчево на локално, национално и меѓународно ниво.

По отворањето на Туристичкиот културен информатор, во 11 часот во мултифункционалниот центар во Спомен-домот АСНОМ ќе се одржи и петтата седница на Советот за развој на Источниот плански регион.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*