Традиционалната манифестација во село Цера ќе понуди домашна баница под вршник, изворни песни, ора и фолклор
Македонска Каменица, 2 септември 2026 (МИА) – Традиционалната манифестација „Бабина баница 2026“ ќе се одржи на 13 септември во Туристичко-манастирскиот комплекс „Еленец“ во село Цера, информираше градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова.
Манифестацијата ќе започне во 10:30 часот, а организатор е Здружението на пензионери Македонска Каменица, во соработка со Општина Македонска Каменица и КИЦ „Романса“.
Во рамки на настанот ќе се одржи традиционално месење и сукање, подготовка и печење баница под вршник, а посетителите ќе имаат можност да уживаат и во изворни песни, ора и фолклор.
Стаменкова во својата објава ја истакна важноста на манифестацијата за зачувување на традицијата и старите обичаи, посочувајќи дека „Бабина баница“ е можност да се потсетиме на наследството од нашите баби и дедовци и тоа да им го пренесеме на помладите генерации.
– Традицијата живее само ако ја негуваме и споделуваме, порача Стаменкова, упатувајќи покана до граѓаните на 13 септември да го посетат Еленец и село Цера, да се дружат и заеднички да ја чуваат традицијата што ги зближува.
Манифестацијата „Бабина баница“ низ годините прераснува во настан кој ги обединува љубителите на традиционалната храна, фолклорот и старите обичаи, со посебен акцент на нивното зачувување и пренесување на идните генерации.

Leave a Reply