Одржана 16 Седница на Советот на Општина Делчево

Советот на Општина Делчево ја одржа 16. седница, на која советниците расправаа по осум точки од предложениот дневен ред, при што беа донесени повеќе одлуки поврзани со унапредувањето на условите во противпожарната служба, спортската инфраструктура, образованието и работењето на локалните институции.

На седницата беше донесена Одлуката за примање донација на патничко моторно возило од компанијата AURES Holdings, со седиште во Чешка, наменето за потребите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Делчево.

Станува збор за патничко моторно возило од марката Opel, комерцијална ознака Zafira Tourer, со дизел мотор со работна зафатнина од 1.956 кубни сантиметри и моќност од 121 киловат. Возилото ќе биде примено во сопственост на Општина Делчево и ќе биде евидентирано во имотната евиденција на Општината согласно со важечките прописи.

Со донесената одлука, градоначалникот на Општина Делчево е овластен да склучи договор за донација со AURES Holdings, со кој ќе се уредат правата и обврските на договорните страни.

Советот ја донесе и одлуката за примање донација од Фудбалската федерација на Македонија, во форма на опрема за седење наменета за Градскиот стадион во Делчево.

Донацијата опфаќа вкупно 1.500 столчиња. Од нив, 1.180 се столчиња со потпирач, од кои 300 се сини, а 880 бели, со вкупна вредност од 666.700 денари со вклучен ДДВ. Дополнително, ќе бидат донирани и 320 црвени столчиња без потпирач, со вредност од 158.720 денари со вклучен ДДВ.

Вкупната вредност на оваа донација изнесува 825.420 денари со вклучен ДДВ.

Опремата се прифаќа со цел уредување и опремување на Градскиот стадион во Делчево, подобрување на условите за присуство на спортски натпревари, културни и други јавни настани, како и унапредување на спортската инфраструктура во општината.

На седницата советниците дадоа согласност и на Годишниот план за вработување на ЈЛБ „Илинден“-Делчево за 2027 година.

Во делот на образованието, беше разгледан и донесен Годишниот извештај за работата на СОУ „Методи Митевски-Брицо“ за учебната 2025/2026 година, како и Годишната програма за работа на училиштето за учебната 2026/2027 година.

Советот даде согласност и на Одлуката на Училишниот одбор на ООУ „Ванчо Прке“ Делчево за отуѓување на отпаден лим.

Исто така, беше дадена согласност на Одлуката на Училишниот одбор на СОУ „Методи Митевски-Брицо“ за отуѓување на движни ствари кои престанале да се користат поради неисправност, технолошка некомпатибилност, технолошка застареност или претставуваат вишок во училиштето.

На дневен ред беше и Одлуката за давање согласност за отуѓување и предавање на електронски отпад на правно лице кое врши дејност или поседува дозвола за собирање и/или транспортирање, преработка, рециклирање и уништување на електронски отпад.

Со донесените одлуки на 16. седница, Советот на Општина Делчево опфати повеќе области од значење за функционирањето на локалната самоуправа, со посебен акцент на подобрувањето на условите за работа на ТППЕ Делчево, унапредувањето на спортската инфраструктура и создавањето подобри услови во локалните образовни и културни институции.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*