Започна асфалтирањето на улица „1“ во индустриската зона „Чуката“ во Пехчево, со што во завршната фаза влегува изградбата на оваа значајна сообраќајница.
Со реализацијата на проектот, индустриската зона „Чуката“ добива нова и современа патна инфраструктура, која треба да овозможи подобар пристап до деловните парцели и полесно одвивање на сообраќајот во зоната.
Изградбата на улицата претставува значаен инфраструктурен чекор за унапредување на условите за работа и инвестирање. Новата сообраќајница ќе придонесе за полесно и побезбедно движење на возилата, подобра транспортна поврзаност, како и поефикасно одвивање на секојдневните активности на компаниите што работат или ќе инвестираат во индустриската зона.
Од Општина Пехчево посочуваат дека подобрувањето на патната инфраструктура е особено значајно за постојните, но и за потенцијалните инвеститори, бидејќи подобрата пристапност создава услови за поефикасна логистика и полесно одвивање на деловните процеси.
-Со изградбата на улица „1“, Општина Пехчево продолжува со активности насочени кон создавање подобри услови за развој на локалната економија и привлекување нови инвестиции. Уредената инфраструктура во индустриската зона „Чуката“ треба да придонесе за зголемување на нејзината атрактивност за домашни и странски инвеститори, како и за создавање услови за развој на производни и други деловни активности, истакнаа од Општина Пехчево.
Од локалната самоуправа упатуваат повик до потенцијалните инвеститори да ги препознаат можностите што ги нуди индустриската зона и да инвестираат во Пехчево, со што, како што велат, се создаваат предуслови за отворање нови работни места и долгорочен економски развој.
Асфалтирањето на улица „1“ е последната и највидлива фаза од изградбата на сообраќајницата, со која индустриската зона „Чуката“ добива подобра инфраструктурна поврзаност и дополнителен потенцијал за развој.

Leave a Reply