Армијата го расчистува речното корито на Габровчица во Делчево како превентивна мерка од поплави

Припадници на Армијата започнаа со расчистување на речното корито на Габровчица во урбаниот дел на Делчево, со цел зголемување на проточноста на водотекот и намалување на ризикот од излевање при обилни врнежи. Активностите се реализираат на барање на Општина Делчево до Министерството за одбрана и Генералштабот.

На терен се отстрануваат земјани наноси и штетна вегетација, а се вршат и активности за ископ, распланирување и расчистување на коритото. Со интервенцијата треба да се обезбеди поголема проточна моќ на реката Габровчица, која поминува низ повеќе урбани населби и се вкрстува со значајни сообраќајници во градот.

Од Општина Делчево информираат дека станува збор за превентивни мерки за заштита од поплави, имајќи ги предвид ризиците од обилни врнежи и последиците од природни непогоди со кои општината се соочувала во изминатите години.

Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, посочи дека расчистувањето на речното корито е дел од определбата на локалната самоуправа навремено да ги адресира потенцијалните ризици и да придонесе за поголема безбедност на граѓаните, домовите и имотите.

– Како Општина, се грижиме за безбедноста на граѓаните и за заштитата на нивните домови и имоти. Со расчистувањето придонесуваме за подобра проточност на водата и намалување на ризикот од излевање при обилни врнежи. Превенцијата и навременото дејствување се наша одговорност, истакна Гоцевски.

Тој упати благодарност до припадниците на Армијата за ангажманот на терен, како и до Министерството за одбрана и Генералштабот за поддршката на Општина Делчево.

Гоцевски посочи дека расчистувањето на коритото е резултат на претходно утврдена потреба и упатено барање до надлежните институции, а активностите на терен продолжуваат.

Од Општината оценуваат дека со навремено расчистување и одржување на водотекот се создаваат подобри услови за непречено протекување на водата и се преземаат превентивни мерки за заштита на населението и материјалните добра во случај на зголемен водостој.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*