ПЕХЧЕВО – Со многу бои, детски насмевки и креативна енергија, во Домот на културата во Пехчево беше свечено отворена ликовната изложба насловена „Цвеќе“. Настанот е дел од традиционалните Детски републички средби 2026, кои секоја година се одржуваат во Струмица, со цел поттикнување на детското творештво, дружењето и меѓусебната соработка.
Изложбата свечено ја отвори директорката на Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица, во присуство на претставници од оваа институција. На свеченоста присуствуваа и ученици од V одделение од ООУ „Ванчо Китанов“ – Пехчево, заедно со нивните наставнички Емилија Димевска и Ајнура Арнаутова, директорката на училиштето Емилија Станоевска, како и бројни пензионери, претставници од локални институции и соработници.
Домот на културата од Пехчево, во соработка со учениците од ООУ „Ванчо Китанов“, веќе петта година по ред е дел од оваа значајна манифестација. На Детските републички средби учествуваат повеќе групи од различни градови ширум земјата, а манифестацијата им овозможува на децата да творат на отворен простор, користејќи креди во боја и акрилна техника.
Овој настан уште еднаш потврди дека уметноста нема граници. За учениците од Пехчево ова беше прекрасна можност за ново искуство, креативно изразување, но и за незаборавно дружење и соработка со врсници од други градови.


Leave a Reply