Во Центарот за култура Никола Јонков Вапцаров во Делчево се одржа литературен портрет посветен на поетесата и авторка Мира Георгиевска. Настанот беше можност публиката одблиску да се запознае со нејзиниот творечки пат, инспирацијата и делата зад кои стојат бројни домашни и меѓународни награди и признанија.
Ваквите средби отвораат простор за размена на мислења, откривање нови книжевни вредности и поттикнување на интересот за пишаниот збор, особено кај најмладите генерации. На настанот присуствуваше и директорот на Центарот за култура – Делчево, Златко Начовски, чија поддршка ја потврдува заложбата за унапредување на културната соработка. Од установата порачаа дека и во иднина ќе продолжат да создаваат простор за вакви настани и да ја негуваат литературата.
Родена во 1965 година во Крива Паланка, Мира Георгиевска уште од рана возраст покажува љубов кон пишувањето и рецитирањето. Високото образование го завршува во Скопје на Интердисциплинарните студии по новинарство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а долги години работи како новинар, уредник и водител во Радио Крива Паланка.
Во нејзиниот книжевен опус се издвојуваат стихозбирката „Лисица“, збирката раскази „Тантелина“ поддржана од Министерството за култура и туризам, како и нејзиното најново дело од 2026 година – „Кривопаланечки есеи“ во издание на „Марифет“. Покрај творештвото, Георгиевска активно учествува и на научни и културни конференции за локалната историја и традиции, а редовно настапува и како промотор и модератор на бројни литературни манифестации.
На промоцијата во Делчево, за творештвото и книжевниот израз на поетесата Георгиевска пред присутните говореше промоторката Оливера Станковска.
Настанот е дел од манифестацијата Вапцарови бранувања која долги години по ред ја реализира Националната установа Центар за култура Никола Јонков Вапцаров од Делчево

Leave a Reply