Градоначалниците на Делчево и Македонска Каменица, Иван Гоцевски и Соња Стаменкова, учествуваа на Првиот национален форум „Општини за здравје“, посветен на улогата на локалните самоуправи во унапредувањето на здравјето, превенцијата и создавањето поздрави заедници.
Форумот, организиран со поддршка на Светската здравствена организација (СЗО), ја истакна важноста на вклучувањето на општините во креирањето политики и спроведувањето активности кои придонесуваат за подобро здравје и благосостојба на населението.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, посочи дека здравјето не е само прашање на здравствените институции, туку заедничка одговорност во која локалната самоуправа има значајна улога. Тој најави поголема активност на Советот за јавно здравје на Општина Делчево, кој има советодавна, иницијативна и координирачка улога во креирањето и унапредувањето на локалните политики за заштита на здравјето на населението.
Во рамки на форумот, Гоцевски остварил и средба со д-р Аким Али, претставник на СЗО и шеф на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Македонија, на која разговарале за партнерството и можностите за унапредување на соработката во интерес на здравјето на граѓаните.
Градоначалничката на Македонска Каменица, Соња Стаменкова, истакна дека здравјето е тесно поврзано со секојдневните услови за живот, јавните простори, работната средина, поддршката на семејствата и грижата за најранливите категории граѓани.
Според неа, општините имаат можност и одговорност преку своите одлуки, партнерства, заедничко планирање и активно учество на граѓаните да создаваат средина во која здравјето, благосостојбата и превенцијата ќе бидат составен дел од локалните политики.
Учесниците на форумот ја потенцираа потребата од поголема меѓуинституционална соработка и координирани локални активности, со цел здравјето да се унапредува не само преку здравствените услуги, туку и преку создавање подобри услови за живот во општините.

Leave a Reply