ДЕЛЧЕВО – Во читалната на Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево се одржа инспиративен разговор со роднокрајниот автор, професор и долгогодишен културен работник Славчо Десподов, посветен на неговото најново капитално дело – „Пијанец – Скапоцен камен во историската круна на Македонија: Документи, сведоштва и факти“. Во атмосфера во која минатото се среќава со сегашноста, Десподов открива дека зад оваа книга стојат повеќе од четири децении истражувачка страст, архивска работа и желба вистината за пијанечкиот крај да остане трајно запишана за идните генерации.
Од идеја за брошура до капитално дело
Иако по вокација е историчар, Десподов вели дека неговата најголема животна опсесија отсекогаш биле културно-историските настани во Пијанец и општина Делчево. Првичниот поттик за книгата дошол по повод јубилејот – 150 години од Разловечкото востание, со намера да се објави текстот на Константин Стојанов, синот на водачот поп Стојан Разловски, издаден во Ќустендил во 1903 година.
„Опсесијата и провокацијата за сите историски настани во Македонија, а посебно во Пијанец и во општина Делчево, беа моја инспирација и поттик да ги осветлиме и презентираме на јавноста сите важни културно-историски настани и збиднувања. Првично мислев дека ќе излезе мала брошурка, но кога ги собрав на едно место и материјалите за Пијанечката република, како и десетици мои текстови објавувани низ годините за црквите, манастирите, Равен и археолошките локалитети, се доби едно монументално дело,“ раскажува Десподов.
Токму тоа богатство на локалитети, од античкиот град Армонија кај селото Град – каде што се ковале монети уште во времето на Тракиската империја, па сè до Филип Втори и Александар Македонски – го оправдува насловот на книгата. Според авторот, Делчево и Пијанец со право можат да се вбројат меѓу петте најбогати културно-историски подрачја во Македонија.

Како по 100 години беше откриен портретот на поп Стојан во Разловци
Посебен белег во разговорот остави сведоштвото на Десподов од 1976 година, кога како млад секретар и член на општинската комисија за одбележување на стогодишнината од Разловечкото востание, директно учествувал во откривањето на фреската со ликот на поп Стојан Разловски во црквата „Св. цар Константин и царица Елена“ во Разловци.
По кажување на повозрасните мештани дека под слојот малтер се крие неговиот портрет, Десподов го повикал познатиот реставратор од Музејот на Македонија, Коста Балабанов.
„Дојде човекот со скалпел и полека, трпеливо ја откри сликата. Во јавноста и на социјалните мрежи често се појавуваат неточни информации дека била покриена со пепел и вар. Вистината е дека беше премачкана со кал од слама и вар дебела речиси два сантиметри. И денес, секој што ќе ја посети црквата во Разловци може да забележи дека тој портрет е малку поблед од другите ктитори, токму поради тој премаз,“ појаснува авторот.
Тој додава дека самата црква во Разловци е вистинска реткост во Македонија, не само по живописот, туку и по тоа што во неа се наоѓаат дваесетина до триесет апликации на шеснаесеткракото сонце од Кутлеш.
Пијанечката република – заборавената приказна што траела 64 дена
Еден од најзначајните делови во книгата е посветен на Пијанечката (или Црноселската) република од 1878 година – настан кој, како што забележува Десподов, речиси и да не се споменува во учебниците по историја. Во делото за првпат во целост се објавува оригиналниот запис на Христо Киселички, соборец од четата на Димитар Поп-Георгиев Беровски и директен учесник во создавањето на републиката.
„За разлика од Крушевската република која траела 12 дена, Пијанечката република траела цели 64 дена, со своја влада, полиција и сите постулати на слободна територија. Особено е значаен нејзиниот космополитски карактер – владата броела десет члена, од кои седуммина биле Македонци, а тројца Турци. Поради тоа, немало никаква одмазда ниту додека траела републиката, ниту подоцна кога османлиската војска повторно влегла во Пијанец по Берлинскиот конгрес,“ нагласува Десподов.
Неисцрпни приказни: Од битката на Чавка до неистражените могили
Десподов предупредува дека локалната историја мора да се темели на автентични документи, а не само на усни преданија, и ги повикува сите граѓани кои чуваат стари записи и сведоштва да ги споделат за да не пропаднат. Како пример за настани што сè уште чекаат достојно одбележување, тој ја издвојува епската целодневна борба кај месноста Чавка на планината Голак во мај 1903 година, каде четата на Максим Ненов со дебарските комити се судрила со над илјада турски војници на пат кон Илинденското востание.
Истовремено, авторот потсетува дека во општина Делчево постојат над 40 неистражени могили и повеќе од дваесет археолошки локалитети, вклучувајќи го и локалитетот Равен кај Разловци – местото поврзано со дејноста на светите браќа Кирил и Методиј и почетоците на словенската писменост, кое сè уште чека сериозна државна поддршка за археолошки истражувања.
Порака до младите и најава за нова книга
На прашањето што би сакал да понесе со себе еден млад читател откако ќе ја затвори книгата, Десподов порачува дека младите во Делчево имаат зошто да бидат горди, бидејќи живеат на почва каде „секој камен е натопен со историја, крв и жртви“. На својата неуморна работа ѝ нема крај – тој веќе ја подготвува следната книга насловена „Хронологија на едно време-невреме“, во која на едно место ќе бидат собрани над стотина негови авторски текстови за политиката, културата, природните реткости и спортот од 1990 година до денес.
За сите вљубеници во историјата и читатели од Делчево, книгата „Пијанец – Скапоцен камен во историската круна на Македонија“ е веќе достапна за изнајмување во ЈЛБ „Илинден“ – Делчево, а оние што сакаат да ја имаат во својата домашна библиотека можат да ја набават директно кај авторот.
Целиот разговор можете да го погледнете на следниот линк:

Leave a Reply