„Свеста не доаѓа сама, мора да се удри по џебот“: Исповедта на поранешниот прв комуналец на Делчево, Крум Николовски

Комуналната хигиена, односот кон јавниот простор и заборавените локални приказни беа во фокусот на поткастот на Delcevo365, каде гостин беше Крум Николовски – поранешен комунален инспектор и долгогодишен раководител на комуналното одделение при Општина Делчево.

Во период од 15 години и еден месец, од почетокот на 2001 до заминувањето во пензија во јануари 2016 година, Николовски одблиску ги следел промените во градот, навиките на граѓаните, но и системските пропусти кои со децении го кочат воспоставувањето ред. Во искрен и директен разговор, тој без влакна на јазикот зборува за тоа како пластиката го промени градот, зошто судот изрекувал само опомени наместо казни, како контејнерите стануваа причина за соседски тепачки, но и која е вистинската приказна за урнатата црква кај делчевската гимназија.

Трите столба на однесување: Срам, страв и почит

Говорејќи за еволуцијата на комуналната хигиена во Делчево, Николовски ја повлекува границата околу 1990 година. До тој период, како што вели, доминирала стаклената амбалажа која се враќала, а комуналниот отпад бил претежно органски. Наглата експанзија на пластиката и полиетиленот создала огромни количини цврст отпад, но паралелно со тоа почнале да исчезнуваат и моралните кочници кај луѓето.

„Јас секогаш викам – на три столба се држи еден човек, едно суштество: страв, срам и почит. Почитта веќе многу опадна на ниско ниво, срамот исто така го снема. А стравот, знаете како го дефинирам? ’Абе сега сме ние на власт, дека па мене ќе ме казнат‘ или ’јас ќе фатам врски, па нема да ме казнат‘. Тие три столба на кои се потпира постапувањето во животната средина сè повеќе ги нема“, оценува Николовски.

Тој ја посочува и добро познатата контрадикција кај нашите граѓани, кои во странство ги почитуваат сите правила, додека дома се однесуваат сосема поинаку. Според него, подигањето на јавната свест преку апели е залудно доколку не постои ефикасна казнена политика.

„Истите наши луѓе кои одат во Германија, во Италија, во Швајцарија имаат многу високо ниво на свест, а тука немаат. Свест нема да очекуваме да дојде на повисоко ниво на друг начин освен со казни. Јас тоа го видов во моето 15-годишно работење – свеста може да се стави во глава само ако те удрат по џебот. Со секое казнување човек станува посвесен“, дециден е тој, додавајќи низ шега дека и самиот еднаш бил казнет за брзо возење со „Фичо“ и оттогаш никогаш повеќе не го повторил прекршокот.

„Несфатливо е: Комуналното им го зема ѓубрето од дома, а тие го возат в планина“

Особено загрижувачка слика, според поранешниот инспектор, се дивите депонии на сите излези од градот. За време на својот работен век, тој ги обиколил сите 11 излезни патни правци од Делчево – од патот за Ѕвегор и Габрово, па сè до падините на Голак – и речиси на секоја локација наидувал на цели вреќи расфрлан цврст комунален отпад.

„Несфатливо ми е. Јавното комунално претпријатие ’Брегалница‘ го зема отпадот онолку колку што е создаден – значи не се наплаќа по кубик или по тежина. И покрај тоа што работниците ќе им го земат целокупниот отпад од пред врата, луѓето го фрлаат в природа. Дури ќе возат подалеку со возило за да го фрлат. Зошто го прават тоа, не можам да си опишам“, вели Николовски.

Војната за контејнерите и „невидливите“ казни

Враќајќи се во почетокот на 2000-тите, Николовски се присетува на периодот кога низ улиците во Делчево сè уште стоеле големите метални контејнери поставени во 1986 година. Тие, наместо да ја олеснуваат работата, станале извор на постојани проблеми.

„Секој сакаше контејнерот да не е блиску до неговата куќа, ама да не е ни многу далеку. Луѓето фрлаа сè и сешто внатре – градежни материјали, па дури и цели врати од автомобили, оти тогаш не се откупуваше старо железо. Кога ќе дојдеше камионот да го крене, хидрауликата попушташе, цревата пукаа, па мораше да доаѓа ровокопач со сајли и синџири да го превртува контејнерот за рачно да се товари. На секој контејнер пишуваше ’Не пали‘, а речиси секој чадеше“, раскажува тој.

По негов предлог до тогашниот градоначалник Мирко Ивановски, контејнерите биле повлечени од улиците и заменети со индивидуални канти од 120 литри, што наишло на жесток отпор кај дел од граѓаните, па дури и до тепачки меѓу соседи и судски спорови.

Но, уште поголем проблем од отпорот на граѓаните била неефикасноста на системот за санкционирање. Иако инспекторатот годишно поднесувал околу 150 прекршочни пријави, ефектот бил минимален.

„Комуналниот инспектор поднесува прекршочна пријава до суд, меѓутоа судот пресудуваше само опомена. Ниедна ефективна парична казна немаше пресудено. Еднаш отидов кај тогашниот претседател на судот и му велам: ’Претседателе, ти само опомени делиш, луѓето свикнаа – ова е како да плашиме мечка со бубачка‘. На крајот, некои луѓе не ги плаќаа ниту тие 1.500 денари паушал за опомената, мислејќи дека никому ништо, па кога ќе ги фатеа извршители со адвокати, сумата им растеше до 12.000 денари“, објаснува Николовски.

Не дала резултат ниту законската можност прекршителите да ја одработат казната од 50 евра преку општокорисна работа во комуналното претпријатие. Во еден ден, по акција на полицијата, во „Брегалница“ се појавиле педесетина граѓани да одработуваат, но претпријатието немало ниту доволно лопати за сите, па акцијата се претворила во формалност.

Опасните гуми за поклади и пропуштената шанса со компостирањето

Како еден од најсериозните еколошки проблеми, кој трае со децении, Николовски ги издвојува старите автомобилски гуми. Иако според Законот за јавна чистота тие спаѓаат во опасен отпад и мора да се предаваат на овластени фирми, во пракса завршуваат на паганските огнови за поклади.

„Некогаш за поклади се палеа огнови со суви гранки и отпадоци од пченка, потоа се премина на смрека, а сега се палат гуми, што е страшно. На влезот кај манастирот сè уште стојат изгорените жици од гумите. Ги носат дури и со трактори, а распаѓањето и горењето на гумите ги загадува и почвата, и водата, и воздухот“, предупредува тој.

Од друга страна, за растителниот отпад, кој често ги полни контејнерите и кантите, тој смета дека постои едноставно решение кое веќе го применила Крива Паланка – изградба на базен за компостирање каде со помош на калифорниски црви овој отпад за две години се претвора во квалитетно органско ѓубриво за градските паркови и зеленило.

Инспектори на терен и управители за 27-те станбени згради

Споредувајќи ја состојбата денес со времето кога тој раководел со одделението, Николовски забележува дека денес речиси и да не се гледаат комунални редари и инспектори по улиците.

„Јас 10 години не сум видел ниту комунален редар, ниту инспектор на терен на улицата каде што живеам. Понекогаш на шега им велам: ’Дојдете казнете ме барем мене, да имате запишано некого во годишниот извештај‘. Решението е едноставно – секојдневно одење на терен, читање на два-три члена од законите за јавна чистота и комунални дејности и казнување без селективност“, порачува тој.

Како клучен чекор за средување на хигиената околу колективните станбени згради – кои во Делчево ги има 27, плус новите што се градат – тој го посочува доследното воведување на институцијата управител на зграда. Според него, само кога станарите ќе плаќаат месечен надомест на правно лице за тековно и инвестициско одржување, ќе се знае кој одговара за хигиената во влезовите и околу зградите.

Сепак, Николовски признава дека постои и позитивен напредок – за разлика од пред 15-тина години, кога новозасадените дрвца по булеварот и покрај реката биле масовно кршени по ноќните седенки, денес урбаната опрема и зеленилото многу помалку се уништуваат.

Анегдоти од терен: Наставникот што „не создавал отпад“

Од богатата архива на случки, Николовски се присетува на разговорите со граѓаните при воведувањето на кантите за смет, кога еден просветен работник упорно одбивал да купи канта со изговор дека воопшто не создава ѓубре.

„Му велам: ’Добро бе наставниче, ти барем еднаш во животот си јадел рибина конзерва. Има хартија, има лименка – каде ги фрлаш?‘ А тој ми одговара дека си ги носел на нивата во селото на десет километри од градот. И си викам – кога на еден наставник не можеш да му објасниш дека создава отпад, како ќе убедиш некој друг?“, раскажува Николовски.

Тој се присети и на случај со еден свој пријател, поранешен партиски секретар, кој натрупал огревни дрва директно пред влезот на станбена зграда. Откако инспекторот му укажал дека според законот дрвата мора да бидат во дворно место, човекот без збор прифатил да му биде напишана казна од 50 евра и веднаш отишол да ја плати, велејќи дека му е мерак да плати кога законот се применува подеднакво за сите.

Непознатата историја: Зошто беше урната црквата кај гимназијата?

На самиот крај од разговорот, Николовски сподели и едно ретко историско сведоштво поврзано со објектот на некогашната црква „Св. Кирил и Методиј“, која се наоѓала веднаш до денешната делчевска гимназија.

Според кажувањата што ги слушнал од постарите, приказната започнува во 1929 година, по изградбата на железничката пруга од Штип до Кочани. Тогашниот југословенски крал Александар Караѓорѓевиќ пристигнал со првиот воз во Кочани, додека неговата сопруга, кралицата Марија, со кочија се упатила кон местото Говедар кај Цера за да им оддаде почит на загинатите војници од Балканските војни, чии коски со години стоеле расфрлани по ридиштата.

„Од таму со кочијата дошла во тогашно Царево Село. Точно таму каде што е денес гимназијата, го поставиле камен-темелникот на црквата ’Свети Кирил и Методиј‘. Црквата се градела три-четири години, била огромна, можеби поголема и од оваа денес во Ново Делчево, но останала неосветена“, раскажува Николовски.

По Втората светска војна, тогашното градежно претпријатие „Обнова“ (претходник на „Гранит“) ја користело црквата како магацин за градежен материјал, штици и алат.

„Мислам дека во 1961 година почна да се руши. Јас ја затеков полуразрушена кога дојдов во петто одделение – имаше само купишта камења, па ние како ученици го уредувавме школскиот двор. Тогашната општинска и партиска власт донела одлука дека не може црква и училиште да бидат едно до друго. Ќе беше убаво да останеше како споменик, голема штета што се урна“, заклучува Николовски.

Целиот разговор со Крум Николовски можете да го погледнете во видеото на Delcevo365 PODCAST:

http://www.youtube.com/watch?v=pOBKg3pJy9U

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*