Делчево се приклучува кон кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“

Овогодинешната кампања е посветена на економското насилство врз жените, како една од најмалку препознаените форми на родово базирано насилство.

Делчево, 27 ноември 2026 – Општина Делчево се приклучува кон меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, чија цел е подигнување на јавната свест, поттикнување на општествената одговорност и испраќање јасна порака дека насилството врз жените и девојчињата е неприфатливо.

Овогодинешната кампања е посветена на економското насилство врз жените, кое претставува една од најмалку препознаените форми на родово базирано насилство. Тоа се манифестира преку финансиска контрола, ограничување на пристапот до вработување и сопствени приходи, исклучување од наследни и имотни права, економска експлоатација, како и нееднаква распределба на неплатената грижа и домашните обврски.

Од Општина Делчево посочуваат дека економското насилство не е секогаш видливо, но остава сериозни последици врз животот и независноста на жените. Притоа нагласуваат дека економската независност е право, а не привилегија и дека секоја жена треба самостојно да одлучува за својата работа, приходите, имотот и иднината, без контрола, притисок или ограничувања.

Општината ја потврдува својата заложба за градење општество во кое жените и мажите имаат еднакви можности, права и пристап до ресурси, а секоја форма на насилство се препознава, пријавува и соодветно се санкционира.

Преку приклучувањето кон кампањата, Општина Делчево повикува на поголема информираност, солидарност и заедничко дејствување, со порака дека општество без насилство се гради преку свесност, храброст и одговорност од сите граѓани.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*