Бадник во Пијанец ќе се слави според старите адети!

Граѓаните на пијанечкиот регион ги прават последните подготовки за одбележување на Бадник, еден од најголемите празници кои го навестуваат Христовото раѓање – Божик. За таа цел се набавуваат потребните намирници кои се карактеристични за пијанечката трпеза за време на Бадник. Според уличните продавачи, денес најголема беше побарувачката на костени и бадникови гранчиња.
 
-Денес најмногу се бараат бадникови гранчиња, слама, суви пиперки, грав, лук, кромид, она што впрочем е карактеристично за Бадник, вели продавач од Делчево.
 
Во семејството на Делчевецот Стоил Мирчевски, одбележувањето на Бадник се прави онака како што налага старата традиција.
 
-За таа вечер треба да се земе слама и бадникова шума кои што ги ставаме под софрата.  На трпезата освен замесеното лепче со паричка, ставаме посни јадења, зелник, грав, баница, ореви, тиква и други работи кои не се мрсни. Откако ќе се постави вечерата ќе се прекрстиме, а потоа по прекрстувањето се крши лепчето, го каниме „Дедо Господ“ на вечера и колачето го делиме на повеќе делови, почнувајки токму од „Дедо Боже“, па потоа делиме од лепчето на Света Богородица, на најстариот член во семејството, потоа редоследно на сите во семејството, покуќнината, домашните животни и така се додека не се потроши колачето со паричка. На оној кај кого ќе се падне паричкатаПотоа се служи ракија и вино и се почнува со вечерата, вели делчевецот Стоил Мирчевски.
 
За целата куќа и семејството да бидат бериќетна во текот на годината според Мирчевски следниот ден со бадниковите гранчиња треба да се направи обиколка на целиот имот.
 
-Сабајле кога станеме, газдата зема снопче од сламата и бадниковите гранчиња и тргнува по посеаните ниви, насекаде околу куќата, по овошките, за да се роди богат род. Бадниковата шума пак се нарекува за живот и здравје во семејството, додава Мирчевски.
 
Пред Бадник во црквите во пијанечко се осветуваат бадниковите дрвца од каде граѓаните најчесто и ги купуваат, а оваа година Божик ќе биде збогатен со Бадниковата поворка која за прв пат ќе се одржи во Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*