Блиц разговор со Зорица Нушева – главен лик во „Господ постои, името и е Петрунија“

Делчево отсекогаш изобилувало со одлични таленти кои со тек на време прераснуваат во врвни мајстори на својот занает, достојно претставувајки го родниот град во Македонија и светот. Еден од тие мајстори на занаетот во случајот е и делчевката Зорица Нушева, актерка вработена во Националната Установа „Театар Комедија“.

Повод за нашиот блиц-разговор е најновотo филмско остварување „Господ постои, името и е Петрунија“, филмско ремек дело кое по многу нешта е значајно за Нушева, бидејки го толкува главниот лик, ликот на Петрунија, силно изградена личност ставена пред голем предизвик. Предизвикот е уште поголем ако се има предвид фактот дека овој филм влезе во конкуренција на Берлинале, што е прв пат во историјата на македонската кинематографија еден македонски филм да влезе во официјална конкуренција на престижниот фестивал во Берлин.

Улогата на Нушева во филмот започнува токму со она што е главно обележје за време на утрешниот христијански празник „Водици“. Филмот раскажува за млада невработена девојка од Штип која на „Водици“ решава да се фрли по крстот. Но, кога успева да го фати, почнуваат и нејзините проблеми затоа што е жена…

Сегмент од филмот ,,Господ постои, името и е Петрунија”
Ова беше доволен мотив да украдеме дел од слободното време на нашата актерка и да поразговараме за филмот, за нејзината професија, но и за родниот крај и она што ја прави среќна.
 
delcevo365.mk: Најновиот филм „Господ постои, името и е Петрунија“ во кој ја играте главната улога влезе во главна конкуренција на Берлинале. Главниот лик во филмот е Петрунија. Кажете ни што беше пресудно да се прифати улогата на Петрунија, каков лик е и колку е тешко да се долови тоа што го бара самата улога?!
 
Зорица Нушева: Снимањето филмови и големи женски ликови во нив, не се случуваат често кај нас. Јас бев среќна што ја имав таа можност, и понудата ја прифатив со возбуда. Петрунија е комплексен лик, силна, изградена личност, со познавање на правите вредности во светот, девојка која ќе биде ставена пред голем предизвик… Тоа бев и јас, девојка ставена пред голем предизвик, емотивно, психички, физички…
Зорица Нушева во улогата на Петрунија
 
delcevo365.mk: Која порака ја носи филмот и што е она врвното што го очекувате најпрвин вие како носител на главната улога, а потоа и што очекува целата екипа од самото појавување на филмот на врвните светски фестивали?!
 
Зорица Нушева: Пораката на филмот е еднаквост за сите, сите сме исти пред Господ и сите имаме еднакво право на среќа. Со самото тоа што филмот е во конкуренција на Берлинале и што е веќе во рацете на еден од најдобрите агенти за продажба – Пирамид од Франција, зборува многу за неговиот квалитет и нашите очекувања се во правец на неговата светла иднина.
Зорица Нушева во улогата на Петрунија
 
delcevo365.mk: Имајки предвид дека сте од Делчево, наша сограѓанка, сигурно би ги интересирало читателите за останатото со што во моментот е преокупирана Зорица Нушева на професионален план. Со кои претстави сте актуелни и каде можат да ве „видат“ љубителите на театарската уметност?!
 
Зорица Нушева: Матична куќа ми е НУ „Театар Комедија“- Скопје и со задоволство ги поканувам сите на било која претстава што е на репертоар. Јас играм во „Нема да платам“ и „Име“, две одлични претстави и одлично критички прифатени од публиката.
Зорица Нушева
 
delcevo365.mk: Луѓето знаат дека сте родена делчевка, но прашањето е колку често приватно имате време да се вратите на ден или два во родниот град, ви недостига ли понекогаш малото гратче и што најмногу ве прави среќни кога сте во Делчево?!
 
Зорица Нушева: Во Делчево доаѓам често, посебно последните три години… Се радувам на моментите поминати со фамилијата и другарите таму, и се разбира, на почистиот воздух од Скопје. Тоа за што ми паѓа жал се сè поголемиот број на млади луѓе што се селат од градот, и празните улици и куќи во кои не живее никој. И мислам дека е навистина не благодарно што често се забораваат помалите градови во државата. А не е мал бројот на квалитетни млади кои ја претставуваат Македонија во светот и доаѓаат од Делчево. Тоа зборува дека секој може да има капацитети и мора да има еднакво право на квалитетен живот.
Зорица Нушева – Фото: Fashionel
delcevo365.mk: Како за крај на нашиот блиц разговор, какви се плановите со најновото филмско остварување во однос на неговото прикажување во киносалите низ Македонија. Ќе има ли кино проекции во македонските градови, а со тоа и во Делчево и се спрема ли нешто слично што е поврзано со вашето име на полето на филмот?!
 
Зорица Нушева:Филмот со сигурност ќе биде прикажан во кино салите низ Македонија, и секој што ќе сака ќе има можност да го види. Во однос на нови ангажмани сеуште е рано да се зборува. А како за крај, сакам на читателите да им посакам Среќна Нова Година и истата да им биде исполнета со здравје, среќа, хармонија и мир во душата.
Зорица Нушева (Фото: Фејсбук профил Зорица Нушева)

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*