Во делчевски Црквенец растат највкусните лешници во Пијанец

Се одлучил да сади лешник пред една и пол деценија и оттогаш наваму редовно го одгледува како земјоделска култура која му причинува задоволство и која понекогаш му носи и добар профит. Ваква е приказната на делчевецот Славе Стојчевски, инаку поранешен секретар во Стопанска банка, кој по пензионирањето на површина од три хектари на својот имот во селото Црквенец го посадил ова растение.
 
– Уште пред 14 години ми дојде на ум да го посадам лешникот, интересно прехранбено растение, од причина што воопшто не му треба прскање, му треба само наводнување и некојпат мало кроење. Лешникот има многу сорти, можеби стотици. Јас се одлучив за римски и за истарски лешник. Повеќе сум задоволен од римскиот лешник отколку од истарскиот, затоа што истарскиот има голема обвивка и е тежок за работа, а другиот, римскиот, речиси паѓа кога се тресе и е многу лесен за работа. Со еден збор, ставај, складирај, суши и сето тоа без проблем, вели Стојчевски.
 
Лешникот одамна се одгледува. Најголем производител е Турција. По Турција поголеми производители се Грција и Италија, а во последно време најголем производител претендира да стане Франција, вели чичко Славе, кој редовно чита литература на оваа тематика.
 
– Турски сорти има многу, има сорти што во височина достигнуваат 50-60 метри, меѓутоа тој лешник не успева кај нас. Постои, исто така, друга сорта во Америка, во Орегон, и тоа е некој посебен вид лешник. Кај нас во Македонија, а и на просторот во поранешна Југославија најзастапени се римскиот и истарскиот лешник. Тука каде што стоиме најзастапена е римската сорта, вели делчевскиот одгледувач на лешници.
 
Најважно при садење плантажи со лешници, како што вели Стојчевски, е одбирањето посебни сорти што може да се опрашуваат.
 
– За оплодувањето треба да има посебен вид лешник што ќе може да ги опрашува. Тој лешник не треба да има многу корени, растенија, туку треба површина од три-четири на пет-шест декари, бидејќи ветрот кога дува дури на 15 км го носи правот за оплодувањето на лешникот, објаснува Стојчевски.
Освен на почва богата со влага, лешникот, според кажувањето на чичко Славе, успева и на варовита почва.
 
– Пијанец е богат со варовита почва. Лешникот сака многу варовник. Покрај варовитост, треба и почва со хумус. Таа земја тука во Црквенец е идеална за лешник. Еве веќе 14 години овие лешници се тука, чудо некое големо, растат, раѓаат на варовита почва. Исто така на лешникот му треба и вода. Јас претходно правев систем „капка по капка”, меѓутоа не ми успеа оти има многу пукнатини, бидејки таква е земјата, и потоа направив покрај коренот проширен дел, имам црево 6/4, вода имам доволно и нема проблем. Да не пропуштам, лешникот сака и светлина. Тој кога се сади се сече на 50-60 сантиметри и потоа се оставаат три-четири главни гранки и тие растат и во средина мора да има сонце да ги грее, бидејќи лешникот раѓа само на светло, инаку не. Затоа не треба многу кроење, додава Стојчевски.
 
Тој не практикува прскање на лешникот, бидејќи смета дека во неговиот случај нема потреба за тоа.
 
– Ова е природен лешник, посадено, израснато, што се вели, берам и јадам. На површина од три хектари обично имам принос околу еден тон. Цената варира, но добро е што отиде над 1.000 денари за килограм лешник. Субвенции не практикувам, доволен ми е приходот од лешникот за да се покријам. Во однос на оревот, предноста на лешникот му е во трајноста. Лешникот е со трајност од две-три години, додека оревот повеќе од година не можеш да го чуваш и затоа лешникот е примамливо растение и сум задоволен од него. Лешникот, исто така, е специфично растение. Ако, да речеме, застари над 30 и повеќе години, само треба да се пресече, тој ќе пушти ластар или може да се пресече отстрана и исто како да си посадил нов лешник, вели делчевскиот производител.
 
Лешникот, освен што се употребува во прехранбената индустрија, а најмногу во изработката на кондиторски производи, има и своја лековита страна, додава поранешниот банкар.
 
– Желбата да го посадам лешникот ми беше најмногу поради неговите лековити својства. Сум читал литература и сум увидел дека лешникот е неверојатно лековито растение. Се користи почнувајки од листот, листот наесен се бере, се суши на сенка и се користи за правење чај, кој по употреба неверојатно е корисен за лекување бронхитис или за воспаление на дишните органи. Пиеш од чајот и веднаш поминува. Иста е ситуацијата и со кората на лешникот. Има неверојатно лековито дејство. Според некои податоци, листот и кората се користат како замена за американската дрога „хамамалие“. Не знам која е таа дрога, меѓутоа прави замена. Исто така, помага и при хемороиди. Се прави некоја смеса од листови на лешник, корен на лешник и пупка од топола, но тоа го прават фармацевти кои имаат услови за тоа, вели Стојчевски.
Лешникот влијае и кај слабокрвноста. Нека пробаат слабокрвните суров лешник, околу еден кг, и веднаш се подобрува крвната слика, вели Стојчевски, кој препорачува оние што имаат услови да се посоветуваат со него во обидот да засадат поголема површина со лешници.
 
– Јас би сакал да им кажам да се определат за лешник, бидејќи е лесен за чување и лесен за работа, а најмногу од се има цена. Нормално, треба да има и услови. Кажавме, тоа се соодветна почва, сонце и вода, додава на крајот Стојчевски.
 

Овој човек лесно ќе го пронајдете на неговиот имот во Црквенец, каде што поминува најголем дел од своето слободно време. Таму љубезно ќе ве пречека и ќе ви ги открие сите тајни во врска со одгледувањето на оваа овошна култура.

Највкусните лешници во Пијанец растат во село Црквенец

Највкусните лешници во Пијанец растат во село Црквенец

Posted by delcevo365.mk on Friday, February 22, 2019

 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*