Се укинуваат 15 такси стојалишта во Делчево

Делчевските таксисти остануваат без 15 такси стојалишта. Неискористеноста на слободните такси места е една од главните причини  за ваквата одлука, велат од Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. Претседателот на ОСБСП, Николинка Петрова Мавродиева, вели дека автотакси превозниците, навреме ќе бидат информирани за новите измени.
 
-Се менуваат паркинзите за такси стојалиштата, заради тоа што тие не се користат од страна на автотакси превозниците, што е спротивно на одредбите за користење на автотакси стојалиштата. Со тоа автоматски се наметна потребата истите да ги намалиме. Укинати ќе бидат вкупно 15 такси стојалишта на повеќе локации во градот, вели Петрова Мавродиева.
 
Иако во Делчево има доволно стојалишта, сепак како што вели таксистот Љупчо Златковски, тие се узурпирани од приватни возила, па таксистите речиси и да немаат пристап до истите.
 
-Ние најмалку ги користиме стојалиштата за такси возила, заради тоа што ако малку погледнете наоколу, може да видите дека сопствениците на приватни возила ги заземаат нашите места и ние сме принудени да се паркираме кој како и каде се снајде, вели Златковски.
 
Освен укинувањето на 15 такси стојалишта, деновиве, делчевскиот совет на иницијатива на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, донесе нова одлука со која, наместо 5000 илјади денари, колку што досега автотакси превозниците плаќаа за лиценца, сега ќе плаќаат 6250 денари, со таа разлика што важноста на лиценцата ќе биде продолжена за нови 12 месеци.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*