Со доделување на хуманитарни пакети на семејства кои живеат во социјален ризик, денес во Делчево започнаа активностите за одбележувањето на Европската недела на имунизацијата. Хуманитарните пакети беа доделени на 10 семејства кои изминатата година добиле новороденче, а беше доделен и пропаганден материјал за значењето на имунизацијата.
Акцијата по повод Европската неделата на имунизацијата невладината организација „КХАМ“ ја спроведува веќе 10 години, а целта како што истакна претставникот на „КХАМ“ Зоран Биковски, е да се излезе на терен, да се проверат картоните за имунизација кај децата со навршена 1 година, како и да се подигне свеста за важноста од редовната вакцинација.
-Оваа година сакаме да испратиме порака и за здравото мајчинство, важноста на мајките да одат на гинеколог за време на бременоста и по породувањето. КХАМ во Делчево ќе подели 5 пакети хигиенски на ромски семејства, 10 во Пехчево и 23 во Виница. Со исто толку пакети ќе партиципираат и градоначалниците од општините. Покрај економското јакнење имаме за цел и да се подбри комуникацијата помеѓу заедницата, здравствените власти и локалната самоуправа, истакна Биковски.
Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, кој посети дел од семејствата истакна дека Неделата на имунизација е одличен повод да се сврти вниманието на јавноста, пред сѐ на родителите за значењето на вакцините.
– Денеска кога државата се соочува со активна епидемија на морбили и кога има гласни ставови контра вакцините, што според мене е рецидив од недоверба за квалитетот на вакцините од претходниот период, јас ќе ја искористам оваа прилика и ќе апелирам до родителите: вакцинирајте ги вашите деца не ги оставајте незаштитени да чекорат по светот. Во соработка со НВО „КХАМ“, општина Делчево секоја година дава свој придонес во одбележувањето на Неделата на имунизација, така што и оваа година со пакети и промотивен материјал ќе ги посетиме семејствата што имаат новороденче за да го истакнеме значењето на вакцините, рече Трајковски.
За директорката на делчевскиот здравствен дом добро е што по појаватa на морбили, се зголеми свеста кај граѓаните околу колективниот имунитет.
-После оваа епидемија масовно се вакцинира населението, народот сфати дека поединечниот и колективниот имунитет е мошне важен, така што за среќа немаме морбили и дај боже и понатаму така да биде, истакна Глигорова.
Акциите кои во изминатите 10 години ги спроведе НВО „КХАМ“ на подрачјето на општина Делчево, ја зголеми свеста за вакцинирањето, со што кај припадниците од ромска националност вакцинацијата е стопроцентно успешно спроведена.
Leave a Reply