Започна рехабилитацијата на патниот правец Берово – Виница. Патот ќе се рехабилитира во должина од 11 километри од село Будинарци и ќе се одвива на 4 најоштетени делници во правец кон Виница. Вредноста на инвестицијата е 1,9 милиони евра , а увид во градежните работи извршија Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.
-Сакам да потенцирам дека за нас како Влада е исклучително важно да се реализираат проектите во овој дел од државата каде се инвестираат околу 6 милиони евра. Денеска сме тука да извршиме увид во работата на патниот правец Берово – Виница. Исто така во моментот се работи на патот Берово – Клепало, кој што ќе значи поврзување со граничниот премин со Република Бугарија, истакна Сугарески.
Дополнително Сугарески, најави уште два проекти во Берово кои ќе се реализираат преку Министерството за транспорт и врски.
-Едниот проект е водовод за село Двориште, кој што треба да биде тендериран за две до три недели и потоа имплементиран. Исто така треба да се тендерира и проектот за изградба на водовод во населбата Беровско езеро. Со ова покажуваме дека за Министерството за транспорт и врски и Владата, општините остануваат партнери во насока на подобрување на условите за живот на граѓаните, рече Сугарески.
Со отпочнувањето на рехабилитацијата на патниот правец од Берово кон Виница, како што истакна Зоран Китанов, директор на Јавното претпријатие за државни патишта, заедно со останатите патишта комплетно се рехабилитира патната мрежа во Малешевијата.

-Конкретно се работи за патна мрежа во должина од 42 километри која повеќе од 40 години не е обновена и на која има такви оштетувања, за кои мора паралелно да се работи на неколку патни правци. Досега завршија работите на патниот правец Делчево – Звегор – Граничен премин, вчера завфрши асфалтирањето на патниот правец Делчево – Пехчево, патниот правец од Берово кон Виница се очекува да се рехабилитира најдоцна до крај на месец август, исто како и патниот правец од Берово кон граничен премин Клепало. Со тоа комплетно ќе се заокружи рехабилитацијата на патната мрежа во Малешевијата, истакна Китанов.
За градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски, од особена важност е поддршката која Владата и ЈПДП во контитнуитет и ја даваат на општина Берово.
-Почнувајки од претходната година кога се рехабилитираше дел од патот Берово – Струмица, продолжувајки годинава со оштетената и со години непоправена патна инфраструктура од Берово кон Виница. Од особена важност исто така е и рехабилитацијата на патот Берово – граничен премин Клепало, како и почнувањето на реконструкција на улицата Моше Пијаде која е транзитна улица помеѓу Регионалниот и Меѓународниот пат која со поддршка на ЈПДП се рехабилитира, истакна Пекевски
За довршување на работите како што додадоа од Јавното претпријатие за државни патишта ќе се работи и на реконструкција на два моста, од кои еден на патниот правец Берово – Струмица кај Суви Лаки.
Leave a Reply