Интервју: Во пресрет на 11-тата Црвенџиска средба

Се ближи 9 август, датум кога во селото Бигла се одржува семејната слава на семејството Васеви, наречена Црвенџиска средба, средба која е една од ретките која веќе 11 години по ред ги собира, роднините од Црвенџиско маало, пријателите и гостите намерници на заедничка дружба во село Бигла. И овој пат поразговаравме со домаќинот Бошко Васев, кој долги години им помага на нашинците во Германија да го пребродат она првично чувство по пристигнувањето во Германија, посредувајки им истовремено за работа и затоа првото прашање ни беше што најмногу од работници и недостига на Германија. Во продолжение следува интервјуто со Васев со кој разговараме за можностите за работа во Германија, за многу други прашања поврзани со можноста да се успее во Германија и секако за 11-тата Црвенџиска средба која на 9-ти август ќе се одржи во село Бигла.
delcevo365.mk: Добредојдовте дома, пред да ве прашаме за Црвенџиската средба, кажете ни нешто повеќе за тоа што сите ги интересира. Иако сме разговарале со вас на оваа тема, секоја година е различно, па затоа кажете ни кој профил на работници моментално се бара најмногу во Германија.
Бошко Васев: Како прво сакам сите граѓани на Делчево, на нашата прекрасна држава Македонија, да ги поздравам и нормално сите од моето родно место, село Бигла Делчево. Што се однесува до вашето прашање што се бара од работни профили, можам да кажам дека во сите одделенија на работни места специјално се бара работа во градежништвото, тука ќе набројам електричари, плочкари, ѕидари, молери, гипсери, водоинсталтери, парначи и се што е поврзано со „граѓевина“. Исто така поради тоа што нагло се гради во Германија има голем дефицит на сместување.
delcevo365.mk: Може ли да кажете бројка, колку луѓе се интересираат за странство, еве на пример во текот на еден ден?
 
Бошко Васев: Поради тоа што ние професионално го работиме повеќе години, барани сме дневно од 300 до 500 луѓе на социјалните мрежи и луѓето се интересираат да дојдат и да се интегрираат во Германија. Во последно време имаме барања исто од наши иселеници од Малта, од Италија, од таму во последно време сакаат да ја променат државата и се информираат за можностите.
delcevo365.mk: Од кога и официјално ќе може со поедноставена процедура да се работи во Германија?
 
Бошко Васев: Со македонски пасош засега може да се работи со работна виза, тоа е така уште од 1 јануари 2016, тој законот важи до 31.12.2020 во делот на општи работници.  Тоа што пишува по социјалните мрежи дека може без амбасадата, се уште не е точно, мораме прво термин во германската амбасада за апликација за германска виза. Од 1 јануари 2020 за квалификувани лица ќе може да се дојде во Германија, имаме 6 месеца на располагање да си најдеме работа, сместување и таму документите се да ги средиме.
 
delcevo365.mk: Зошто повеќето бараат работа токму во делот во Германија каде сте вие, колку всушност Македонци има моментално во Бретен и Бруксал?
 
Бошко Васев: Јас лично живеам 35 години во Бретен, во околината на Карлсруе, моите родители наполнија пред некој ден 50 години како се во Бретен. Лично мојата канцеларија е во Бруксал и тука сме највеќе активни. Таа околина е една од најбогатите во Германија, значи зборувам за Република Баден – Виртенберг со главниот град Штутгарт. Тука се наоѓа „Порше“, тука е „Мерцедес“, тука се најглавните фирми со целата индустрија во Германија и тука имаме големи успеси каде што интегрираме многу народ. Конкретно во околината на Бретен – Бруксал има 3000 Македонци.
delcevo365.mk: Во родното Делчево и село Бигла сте секоја година во месец август за она што вам ви е најважно, тоа е една традиција која ја започнавте пред 11 години, сите знаеме за неа и чест е секоја година повторно да ве прашаме за нејзиниот историјат и што планирате годинава за средбата?
 
Бошко Васев: Сега е лето кога сите ние иселеници копнееме по родните места, исто и јас се радувам кога дојде август, посебно 9 август, ден кога сите роднини и пријатели се поканети на една заедничка средба, на песна и оро, да се видиме, да се поздравиме, во чест на Свети Пантелејмон, сакаме да си ја задржиме таа слава во нашето маало, пошто баба и дедо починаа пред 12-13 години и мојата идеја беше да направиме таква средба за нашите најмили и за нашите другари, тоа е осветена слава има свечен ручек. Оваа година на Црвенџиската средба пак ќе не забавува по 11 пат „Модерато бенд“, секоја година има разни естрадни уметници, секоја година имаме додатни уметници, минатата година беше естрадната ѕвезда Јордан Митев по мене број еден естрадна ѕвезда во Македонија, тој беше и на 5-тата Црвенџиска средба, пред тоа настапи Елена Јовчевска, настапуваше една година и Орце Стефковски. Имавме замисла годинава да гостува мојот пријател Влатко Миладиновски да биде присутен, но веќе имаше закажано свадба, иако изрази желба сепак да дојде,  јас му кажав да дојде на 12 Црвенџиска средба, пошто многу е важно за неговиот бизнис да си ги задржи своите термини.
delcevo365.mk: Повторно за она што го работите во Германија. Сите кои доаѓаат во Германија комплетно се наоѓаат во нова средина за која им е потребна првична поддршка. Раскажете ние нешто на оваа тема од вашите искуства како човек кој им помогнал на многу луѓе.
 
Бошко Васев: Значи ние последните 5-6 гдини имаме многу искуства, многу луѓе нас не бараат и прашуваат за процедурата. Јас лично на прво место го ставам успехот, кој. Кој не познава и кој лично со нас соработува, стопроцентно може да потврди дека на прво место важна е желбата за успех, делото е битно и успехот. Нормално е тоа дека никој денес за џабе не работи, тоа се подразбира, но на прво место е желбата за успех кај секого па нормално и кај нас. Имам забележано во разговорите со многу луѓе кои контактирам преку телефон дека се двоумат за сето тоа при што јас на луѓето директно им објаснувам се околу доаѓањето во Германија. многу е важно да се знае дека кога некој ќе ја промени државата или средината, макар да го смени и Делчево со Кочани сепак е нов почеток, нова средина и нови пријатели, а не да промени држава, на пример Македонија со Германија, Швајцарија или било која држава. Уште на стартот мора на секој да му биде јасно дека ќе почне дефинитивно во нова средина, што се вели од нула. Се стекнуваат нови пријатели, нов менталитет, нов систем на работа и на крајот се јавува носталгијата, таа секако дека постои бидејки отсекогаш ќе ни фали тој камен од кој сме се сопнувале, но тоа е животот и јас тоа на луѓето им го објаснувам во детали, во смисла дали се подготвени на тој чекор, бидејки успехот и неуспехот дали ќе успеат во новата држава, 95 проценти зависи од себеси, а можеби 5 проценти од нас. Во почетокот тие 5 проценти се многу важни за да ви помогнеме, за да ви средиме се што е потребно за да влезете во „бразда“  што се вели, но за се другото си одлучува секој поединец. За никој не можеме да работиме, ни да се интегрираме, ни да бидеме точни, ни да прифатиме менталитет, туку секој мора да биде трудољубив, мора да ги почитува овдешните принципи и систем, бидејки е дојден во Германија, не може да живее по македонски систем и принципи и тоа исто така не може да го направи за еден ден од денес до утре, туку треба да си даде време и ќе нема проблем. Значи преку нас, има многу млади парови и млади дечки што можат да набројам 70-80 не само од наиот регион туку од Струмица, Охрид, Битола, тетовскиот крај, кои се интегрираат, кои напредуваат и се гордеам што сум бил дел од нивниот пат до успехот, да успеат во прекрасната Германија. Сум кажал многу пати и пак ќе кажам, дека за мене е Германија срцето на светот, не само на Европа, тоа е држава која феноменално функционира, ако се секој интегрира и ако секој се потруди може само успех да има во Германија.
 delcevo365.mk: Во разговор со многу наши пријатели, тие често знаат да кажат дека за германците јазикот е светост, знаат и други јазици но преферираат да го зборуваат мајчиниот јазик!Колку е важно познавањето на јазикот за наоредок во Германија?
 
Бошко Васев: Германија е една многу горда држава, каде што луѓето сакаат во својата држава да се зборува Германски, но воедно и нема Германец кој не зборува Англиски, од мало дете до возрасен човек, за итни случаи предност е секој пат ако знаеме Англиски, но за да успееш во Германија подобро е дефинитно потребно да го учиш и да се трудиш што побргу да го владееш јазикот и тогаш феноменално ќе напредуваш во Германија, тогаш ќе бидеш повеќе ценет, ќе биде подобро примен. Германците повеќе те почитуваат ако некој за кратко време го научил јазикот.
 
delcevo365.mk: Што ќе кажеме за можноста овде да се успее?
 
Бошко Васев: По мое сите вие граѓаните кои живеете подобро знаете како да се успее овде, бидејки јас кратко сум овде, но секаде на светот мора да се бориме, искуства да се стекнуваат. Ќе кажам еден пример шро ми смета кога сум овде. По навика се будам рано и гледам нема луѓе надвор си мислам сите се иселиле. Тоа е малку проблем по мое, бидејки ако се стане рано се има повеќе време да се успее. Денот е доволно долг да се постигне се во животот. На кратко тоа ќе го кажам, бидејки од тоа се почнува, останатото како што кажав го знаат граѓаните кои живеат овде.
delcevo365.mk: За крај да ви посакаме успешна Црвенџиска средба и една порака до сите кои имаат желба да ве посетат во Бигла!
 
Бошко Васев: За крај уште еднаш да кажеме дека средбата и оваа година ќе се одржи на 9 август, денот се паѓа во петок, што значи дека во петок се јаде риба, постиме, нормално ручекот ќе биде риба. Почетокот на средбата е меѓу 12 и 13 часот, свечениот ручек во 15 часот, мило ќе ни биде да дојдете, да се дружиме, да пееме, да свириме. Благодарам од срце, максимално се најдобро за сите во нашиот прекрасен град Делчево и нормално Македонија. Ние сме тука за Вас, во секое време, сите оние кои не бараат на социјалните мрежи,  ги замолиме за стрпливост, бидејки се случува понекогаш на сите да не можеме да одговориме, но сепак, постигнуваме да помогнеме на секој да го најде својот пат до успехот.
 

Интервју: Во пресрет на 11-тата Црвенџиска средба

Интервју: Во пресрет на 11-тата Црвенџиска средба

Posted by delcevo365.mk on Wednesday, July 31, 2019

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*