Пијанечки денови на сливата 2019

Општина Делчево денес е домаќин на манифестацијата „Пијанечки денови на сливата”, манифестација посветена на најзастапената овоштарска култура во Пијанец, модрата слива. По тој повод се организираше натпревар во подготовка на производи од сина слива, мармалад, компот, слатко од слива, домашна ракија и други прехранбени производи со вкус на слива.

Во реализацијата како што информираа од општина Делчево, се вклучија сите образовни институции во Делчево, локални институции и здруженија на граѓани.

-На петнаесет штандови богати со најразлични вкусни производи од сливи денеска се славеше традицијата. На едно место се вареше ракија, се подготвуваше мармалад и слатко, а се дегустираа и вкусните производи обогатени со сливи и изложени на продажните штандови. Ви рамки на настанот учениците од гимназијата „М.М. Брицо“ подготвија  ликовна колонија на тема „Пијанечка слива“, а свои производи на штанд, понуди и најголемиот откупувач и преработувач на овошје во регионот „Рудине ММ“, рекоа од Општина Делчево.

Како општина ќе продолжиме да ја негуваме оваа традиција која ни ги чува корените, истакна градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски.

-Убаво е да се потсетиме со традицијата која обединува многу генерации во Пијанец и со свои очи нашите деца и млади, да го видат процесот на производство на добра делчевска сливова ракија и да го осетат вкусот на мармаладот, слаткото или убавите и слатки производи обогатени со ова овошје. Верувам дека подготвените специјалитети од сливи не се непознати за новите генерации, но ние како Општина имаме обврска да го продолжуваме животот на вредната традиција и да испратиме порака дека традицијата е тоа нешто кое ни го дава идентитетот и ни ги чува корените, истакна Трајковски.

Учесниците на настанот, со задоволство ја прифатија поканата да бидат дел од оваа реномирана манифестација.

„Овој штанд е на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево, заедно со ромскиот центар и здружението на пензионерки. Подготвивме баница, зелник, крофни, сливова ракија, со еден збор производи од сина слива“ изјави Зенил Реџепов од КУД „Гоце Делчев“ Делчево.

Посетителите на настанот можеа да ја вкусат надалеку познатата Пијанечка сливова ракија, а тајната на нејзината подготовка им ја пренесе делчевскиот производител Бранко Величковски.

-Прво треба казан по казан комиње, потоа припрема на комињето и на крај варење на ракијата. За тоа е потребно најмалку три часа. Идеално еракијата да биде отприлика 50 степени, изјави производител на ракија.

Комисијата одлучи наградата за најубаво уреден штанд, во знакот на сливата на овогодинешните „Пијанечки денови на сливата“ да ја додели на учениците од  гимназијата „Методи Митевски Брицо“ кои традиционално штандот го збогатија и со ликовната колонија, наградата за највкусен мармалад ја добија учениците од деветолетката „Св.Климент Охридски“.  Епитетот највесела ракија, годинава ја поделија домашно прозиведената ракија на Славе Никовски и Венко Синадинов, а второто место го поделија Драги Васев и претставниците од деветолетката „Св.Климент Охридски“. Наградите се во износ од шест илјади денари, односно 4 илјади денари за второпласираните.

Традицијата на производство и преработка на сливата во Пијанец ја почитува скоро секое семејство и таа има длабоки корени. Според истражувањата на локалните фолклористи, посебно е карактеристичен периодот на почетокот на 20 век, кога се создале големи бавчи со сина слива. Во Пијанец има над 252 илјади садници со сини сливи засадени на околу 700 хектари

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*