Втор еднодневен камп во организација на СОУ „М.М.Брицо“

Во организација на Средното општинско училиште „Методи Митевски – Брицо“ денес на манастирскиот комплекс „Св. Илија“ во село Ѕвегор се реализираше вториот еднодневен камп. Настанот започна со планинарски марш во должина од 6,8 километри, а на истиот, како што информираше директорот на гимназијата Љупчо Прачкоски, учествувале повеќе од 370 ученици.
 
– Дојдовме и оваа година на манастирот „Св.Илија“, но сега по сосема друга патека која ја користат планинарите. Должината на патеката е 6,8 километри со маршрута на движење над селото Ѕвегорпреку месноста Илин Камен се до манастирот „Св.Илија“. Значи од 371 ученик, негде околу 90 проценти издржаа и ја поминаа патеката. Освен ова во останатиот дел од денот имаме спорт, дружење и рекреација на заедничка радост на сите, истакна Прачкоски.
За учениците Елеонора Трајанова и Леонид Петровски ученици во трета и четврта година гимназија, ваквите настани треба да продолжат и во иднина.
 
-На ваков настан присуствувам веќе втора година и мислам дека овој настан за учениците е добро да продолжи и следните години бидејки на тој начин тие рекреираат и имаат можност да се спријателат помеѓу себе, истакна Трајанова.
-Според мене е супер што училиштето организира вакви настани на кои учениците можат помеќу себе подобро да се запознаат, истакна Петровски.
Водич на планинарскиот марш беше планинарот Љупчо Чучуковски, кој ги водеше учениците низ пределите на Ѕвегорскиот реон.
 
Во рамки на спортскиот дел од настанот учениците се натпреваруваа во скокање и тегнење јаже, додека беше организиран и спортски натпревар во одбојка за момчиња. За најдобрите во спортските игри од страна на гимназијата беа обезбедени скромни награди. Како дел од вториот еднодневен камп организиран беше и час по цртање во природа додека настанот заврши со музички дел подготвен од талентирани ученици и нивните професори.

Во организација на делчевската гимназија организиран вториот еднодневен камп до манастирскиот комплекс ,,Св.Илија" во село Ѕвегор

Posted by delcevo365.mk on Thursday, September 26, 2019

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*