Студентите се почесто го користат богатиот фонд на стручна литература во ЈЛБ „Илинден“

Стручната литература која ја поседува Јавната локална библиотека Илинден, се почесто се користи од студентите од Делчево. Ирена Димитровска, студент по медицински науки од Делчево, како редовен член на библиотеката, ја користи секоја прилика да го побара насловот кој и е потребен во областа во која студира, но и други стручни наслови за лично надоградување. Таа апелира до сите студенти од поблиското опкружување да не трошат време и пари, барајки ги потребните стручни наслови, туку тоа да го сторат во библиотеката во Делчево.
 
-Како студент редовно ја користам стручната литература со која располага библиотеката во Делчево. Се работи за литература која често се користи од страна на светската јавност, а за мене како студент, оваа литература е од голема полза. Стручната литература е многу скапа, повеќето студенти не можат да си ја дозволат, а и не може да се најде низ библиотеките во Македонија. За библиотеката во Делчево можам да кажам дека освен од областа на медицината, наоѓам и стручни изданија од областа на економијата и од областа на природните науки. Им препорачувам на студентите да ја посетат библиотеката и да ги користат овие книги, истакна Димитровска.
 
Најголемиот дел од оваа литература како што истакна директорката Билјана Петровска, библиотеката ги добива од Универзитетската библиотека во Скопје, додека дел од книгите се и донации од  Владата на РСМ.
 
-Тоа се книги кои Владата на РСМ ги дава на општините, а тие ги подаруваат на институции кои се под нивна надлежност. На тој начин минатата година, градоначлникот на општината Горан Трајковски ни подари стручна литература од областа на економијата. Секако и библиотеката со свои парични средства набавува стручна литература, која како што знаеме е и прилично скапа. Од тие причини апелирам до сите наши членови студенти и воопшто до сите наши членови кои имаа потреба од стручна литература, прво да проверат дали тоа што им треба го има во библиотеката од каде слободно можат да го изнајмат и на тој начин да заштедат и време но и пари, вели Петровска.
 
Стручната литература како што додаваат од ЈЛБ „Илинден“, најчесто се користи од страна на студенти по медицина, област од која библиотеката располага со најголем број стручни наслови. 

Богатиот фонд на стручна литература во ЈЛБ „Илинден“ достапен за студентите

Богатиот фонд на стручна литература во ЈЛБ „Илинден“ достапен за студентите

Posted by delcevo365.mk on Thursday, October 10, 2019

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*